Со стерилизација на нови единки, во Берово во изминатите неколку години константно се намалува бројот на кучиња скитници. Ова е констатацијата на надлежните, кои неколку години работат на оваа проблематика, поради што и годинава со заеднички средби помеѓу ветеринарите и претставници на општината се крои стратегијата за уште подобро справување и рeшавање на овој проблем.

-За таа цел се одржа состанок во врска со повикот за субвенционирање на стерилизација на кучиња женки. На состанокот беа истакнати мислењата околу веќе спроведениот повик, позитивните резултати од повикот и се давани предлози и идеи за подобрување на состојбите. Благодарност до претставници од здружението „Про Анима“, доктори по ветеринарна медицина кои беа вклучени во стерилизацијата и службите од Општина Берово, кои константно работат на оваа проблематика, информираа од Општината.

Претстојниот повик за стерилизација на кучиња скитници, како што додадоа ќе биде наменет за сите граѓани кои поседуваат кучиња женки.

-Во наредниот период повторно е планиран повик за субвенционирање на стерилизација на нови единки, на кој ќе можат да аплицираат сите заинтересирани граѓани. Со овие активности како општина покажуваме дека цврсто делуваме на неконтролирано размножување на кучињата, додадоа од Општината.

Со ваквиот начин на справување со неконтролираното размножување на нови единки во последните три години, како што додадоа одговорните, во Берово драстично се намалил бројот на кучиња скитници.