Недостатокот од регистарски таблички за возилата во државата во никој случај не е поврзан со работењето на Раде Кончар – Контактори и релеи и целосно се оградуваме од оваа ситуација. Во изминатиов период ниту добивавме нарачки за изработка, ниту имаше законска можност да испорачуваме регистарски таблички, порачуваат од компанијата.

-Раде Кончар – Контактори и релеи беше надлежен и одговорен за спроведување на договорот за изработка на регистарските таблички склучен со Министерството за внатрешни работи, до исцрпувањето на вредноста на рамката. Имајќи ја предвид сериозноста на состојбата, како единствен производител на овие таблички, благовремено го информиравме Министерството за внатрешни работи дека постои недостаток на регистарски таблички поради истек на договорот, велат од Раде Кончар – Контактори.

Потсетуваат дека на 29 септември 2020 година Министерството за внатрешни работи објави нов повик за јавна набавка на регистарски таблици за моторни возила и дека постапката заврши со поништување.

-Во повторената постапка Министерството дури во април донесе и одлука за избор на најповолен понудувач. Во оваа постапка, друг економски оператор е избран за најповолен понудувач, додека Раде Кончар – Контактори и релеи е елиминиран, па нашите права ќе продолжиме да ги остваруваме преку надлежните институции и во рамки на позитивните прописи, појаснуваат од компанијата.

Нагласуваат дека се единствена домашна компанија која инвестираше во комплетна технологија за производство на регистарски таблички од осамостојувањето, поточно од 1996 година.


Администратор
12/04/2021 16:12