Планинарите турата ја стартувале од туристичката населба „Равна река" во Пехчево со маршрута долга 23 километри.

Здружението „Патфајндерс" од Берово денеска реализираше еднодневна хајкинг тура до врвот Ченгино Кале на 1760 метри надморска висина. Претседателот на здружението Горан Механџиски информираше дека турата се одвивала по сите мерки и препораки за зашита од пандемијата.

-Прекрасното време придонесе за уште повеќе да се доживеат природните убавини и несекојдневни глетки што ги нудат Малешевските Планини. Нашата гордост врвот „Ченгино Кале" нема кој не сака да го посети, бидејќи плени со неговата убавина и местоположба. Денес ние тоа го сторивме со 16 присутни, бидејќи ги запазивме сите протоколи и мерки за заштита и не сакавме да се групираме повеќе луѓе, рече Механџиски.

Планинарите турата ја стартувале од туристичката населба „Равна река" во Пехчево со маршрута долга 23 километри.

-Коридорот по кој се движевме на места беше сув, а на некои места влажен и понекаде можеше да се забележи и снег. Успеавме да ги посетиме Пехчевските водопади, Караулата и изворот на река Брегалница, кој се наоѓа под самиот врв „Ченгино Кале", додаде Мехаџиски.

Планинарското здружение „Патфајндерс" од Берово, за краток период од своето постоење, успеа да организира неколку планинарски тури низ Малешевијата, заради што бројот на заинтересирани за учество на планинарски тури константно расте.


Администратор
11/04/2021 17:25