Во Белград, пред српското Собрание, се одржува протест под слоганот „Еколошко востание“. Во организација на собирот учествуваат над 70 еколошки и граѓански движења кои бараат заштита на правото на здрав воздух, вода и земја. Организаторите апелираат да се почитуваат епидемиолошките мерки.

– Денес ни е потребен – еколошки патриотизам, мора да се бориме против алчноста, порача на почеток од протестот поетот Љубивоје Ршумовиќ на собирот пред Собранието на Србија.

На протестот говореше и пејачот на групата Патрибрејкерс, Зоран Костиќ Цане, кој порача дека „без вода нема слобода, а таа се загадува постојано, без земја нема храна, без воздух нема живот.“

Како што јави дописникот на МИА од Белград, веќе неколку години активистите за заштита на животната средина се борат против изградбата на мали хидроцентрали, за кои тврдат дека уништуваат реки и животинскиот свет и предизвикуваат голема штета на екосистемот, а истовремено бараат и почист воздух, кој со години наназад е многу загаден на целиот Балкан.

– Еколошките проблеми во Србија не се појавија преку ноќ, а Министерството и другите надлежни ресори во Владата работат посветено, одговорно и транспарентно, изјави министерката за заштита на животната средина, Ирена Вујовиќ, по повод протестот на еколошките здруженијата во Белград.

Александар Јовановиќ Шута од Здружението „Да ги браниме реките на Стара Планина“ на протестот истакна дека е во тек „сеопфатен напад врз сè што е здраво во Србија“.

– Дојдовме да им кажеме „не“ на оние кои секој ден ги сквернават нашите реки и нашата природа.

Еколошките организации составија документ со 13 барања до државата во врска со еколошките проблеми.

Меѓу другото, регулативите да бидат усогласени со највисоки еколошки стандарди, граѓаните постојано да се информираат и да се едуцираат за животната средина, да се зачувуваат водните ресурси и сите да дишат здрав воздух.

Тие, исто така, бараат да бидат заштитени сите шуми, да запре сечата на заштитените подрачја и пошумување, како и да се запре изградбата и ревизијата на штетните постројки и проекти – мини хидроцентралите (МХЕ).


Администратор
10/04/2021 16:17