Во штипскиот Здравствен дом без проблеми се одвива вакцинацијата на населението над 77 години. Директорката на Здравствен дом „Панче Караѓозов“-Штип, Снежана Трајковска вели дека најстариот пациент кој денеска успешно ја примил вакцината има 91 година.

-Пунктот го отворивме во 8 часот, без проблеми се одвива имунизацијата. Имаме и волонтери од штипскиот Црвен крст, а здравствениот тим без проблеми ги аплицира вакцините. Наместо 120 добивме 400 вакцини, вели Трајковска. Термините до понеделник се исполнети, утринава само еден пациент не дојде на пунктот, бидејќи не се чувствувал добро, ги информирал матичниот лекар. Пунктот се наоѓа на вториот кат, затоа Трајковска вели дека оние коишто не можат да дојдат во пунктот екипата ќе се симни на долниот кат, каде што пациентот ќе ја прими вакцината и со него ќе остане 15 минути. Засега немаат насоки за граѓаните кои живеат во руралните средини или поради здравствени причини не можат да пристигнат на пунктот.

Граѓаните кои денеска ја примија вакцината се задоволни од организираноста на здравствените работници, кои до петок дневно ќе вакцинираат по 40 пациенти, а доколку има масовна имунизација дневно можат да аплицираат и по 400 вакцини.