Општина Битола даде јавна поддршка за реализација на проектот „Младите-креатори на нашата иднина“ со кој се овозможува ученици од битолските училишта да промовираат креативни активности во различни области.

Во проектот вклучени се и општините Центар, Куманово, Радовиш, Охрид, Агенцијата за млади и спорт, и здружението „Т’га за југ“ како носител на проектот.

– Се радувам што во овие изместени животни околности, имаме една ваква убава иницијатива за создавање и творење на нешто кое вградува вредности не само за сегашноста, туку и за утрешнината. Особено делува животовдахнувачки, заради состојбите во изминатава година. Токму затоа, инспирација, мотив и причина повеќе е како општина да учествуваме во овој проект, кој што отвора можности за социјализација и дружба, покрај творечкиот аспект. Ова е проект кој на сите заедно ни дава пример дека и во специфични околности умееме да покажеме пркос во позитивна смисла, посочи градоначалничката Петровска, на денешниот онлајн промотивен настан.

Во рамки на проектот „Младите – креатори на нашата иднина“ вклучени се над 370 ученици од цела држава кои со нивните ментори, ќе работат, творат, креираат и ги развиваат вештини во областа на музиката, драма и ликовно творештво. мт/цр