Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски денеска направи увид во градежните активности на инфраструктурните објекти што со државна финансиска поддршка се реализираат во Виница.

Приоритет во овој период има довршувањето на колективната станбена зграда за семејства од социјално ранливите категории, како и проширувањето на филтер станицата за вода за пиење и поврзувањето на селото Лески на градската водоводна мрежа.

– Изградбата на социјалната зграда во Виница е при крај и таа е прва во општината, а наскоро во неа ќе се сместат 36 семејства кои добијат скромни, но пристојни услови за живот. Објектот ќе биде завршен пред рокот, се уредува неговата околина, како и ентериерот, по што очекуваме оваа пролет да биде направен технички прием и да се распише оглас за вселување на станарите. Се работи за инвестиција од 70 милиони денари обезбедени од буџетот на нашето министерство. Со доградбата на филтер станицата ќе решиме уште еден голем проблем во водоснабдувањето, со оглед на зголемувањето на капацитетот и поврзувањето на жителите во Лески. За овој зафат инвестираме 24,5 милиони денари и очекуваме во текот на ова лето да биде завршена реконструкцијата, истакна министерот Бочварски.

Градоначалникот на Виница, Ивица Димитров потенцира дека со градежните инфраструктурни активности што се во тек, се решаваат важни прашања од интерес на граѓаните, а за кои општината инвестира средства од државниот и од сопствениот буџет.

– Со проширувањето на филтер станицата ќе обезбедиме нормално водоснабдување на нашите граѓани за наредните педесетина години, при што за околу 270 семејства од Лески, но и од Виница, Црн Камен и Јакимово ќе нема рестрикции и прекини во водоводната мрежа. Истовремено, со општински буџетски средства на пет улици во централното градско подрачје се заменува старата азбестна водоводна линија со полиетиленски цевки, со што ќе постигнеме замена на мрежата во градот од 98 отсто, истакна градоначалникот Димитров.

Додаде дека во тек се градежните работи за реконструција на старата кино сала, а на почетокот на април ќе почне и изградбата на новиот градски пазар во Виница.