ЈП „Комуналец“ – Битола први во државата почнаа со користење на електрично возило и алатки за одржување на јавното зеленило во градот, изјави директорот на претпријатието Панде Богоевски.
На промотивен настан во Битола, Богоевски најави промени во начинот на одржувањето на јавната хигиена и јавното зеленило во општината.
– Пролетната комунална офанзива продолжува. Новото специјално возило за подигнување и празнење на корпите за отпадоци во цел град е на електричен погон, а во функција на јавното зеленило ставаме и нови алатки за косење кои исто така се на електричен погон. Ние први во државата почнуваме со промена на досегашните алатки и машини од моторен на електричен погон. Граѓаните бараа на повеќе места да ставаме корпи за собирање отпад, а сега со помош на новото специјално возило и со само еден работник ќе се празнат сите корпи во градот бидејќи возилото е со една батерија и може да помине 90 километри. За користење на една батерија ќе бидат потрошени само шест денари, нагласи Богоевски и додаде дека радикално се намалуваат материјалние трошоци кои досега ги имаше претпријатието, а инвестицијата многукратно ќе биде вратена.
Општина Битола заедно со ЈП „Комуналец“, како што потсети градоначалничката Наташа Петровска, продолжуваат со конкретни активности за заштита на животната средина, како континуитет на претходни вложувања во оваа област.
– Како што е познато ние инвестиравме во санација на енергетски фасади, кровови, промена на системи за греење, субвенционирање на еко проекти, велосипеди… Набавивме и деновиве ќе пристигнат превозни средства кои ќе користат метан, а тоа потврдува дека во еден интегриран систем делуваме добро и знаеме дека можеме уште повеќе. Овие инвестиции се резултат на добро финансиско работење и солидна финансиска кондиција на локалната самоуправа, истакна Петровска.
Новото специјално возило за собирање на отпад освен во градот ќе биде користено и во населените места.