Учениците од гимназијата „Љупчо Сантов“ од Кочани, кои се пласираа меѓу петте победнички тимови на програмата за социјално претприемништво преку проектот UPSHIFT , ќе ја искористат паричната награда за да реализираат хумана претприемачка идеја.

Со грантот вреден две илјади евра тие ќе набават производи за продажба на граѓаните, а со остварениот профит ќе им купат миникомпјутери и таблети на своите соученици од социјално ранливите категории.

– Со тимот одлучивме да помогнеме во следењето на онлајн-наставата за дел од учениците во училиштето. Нашата идеја ја презентиравме пред комисијата од Фондот за иновации и технолошки развој и од фондот „ЦЕЕТ Македонија“, од каде заедно со уште четири тимови од други училишта во државата, добивме грант што е наменет за комплетна реализација на претприемачката активност, истакна ученикот Ефто Трајчев, учесник во проектот.

Учениците имаат изготвен план според кој ќе се рекламираат производите и ќе се реализира продажбата.

– Нашиот тим креираше препознатливо име, „Avemil Charity“ што претставува акроним од имињата на членовите, а настапуваме под мотото „Здравје и имиџ кон заедничка победа“. Преку е-шоп ќе нудиме продажба на маски и марами, модни додатоци, чаши, термоси и други производи, при што за електронската продажба креиравме профил на социјалните мрежи, а ќе организираме и непосредна продажба, истакна Ана Арсова, учесничка во проектот.

Во проектот се вклучени и учениците Леонид Петров, Ивона Тодорова и Михајло Штерјов, а петчлениот тим ќе работи под менторство на професорот по претприемништво, Виктор Атанасовски.

Проектот UPSHIFT е развиен од УНИЦЕФ со цел преку решавање одредени социјални проблеми и предизвици да им овозможи на младите да развијат нови вештини, да научат повеќе за социјалното претприемништво и да стекнат нови пријателства.