На иницијатива на повеќе граѓански организации од областа на спортот и заштитата на животната средина во недела ќе се одржи голема еколошка акција „Чисти ридови за сите“. Акцијата е поддржана од Делегацијата на Европската Унија во државата и Општина Струмица.

-Големото чистење ќе се реализира на две локации. Едната е од пред „Ловен дом” по трим патеката се до манастирот „Свети Илија и од пред СОУ „Никола Карев” по асфалтниот пат до „Лозињата-Чамчифлик”, информираат организаторите.

Додаваат дека целта на акцијата е чистење на отпадот од овие локации и подигање на јавната свест за почиста животна средина, а воедно ги повикуваат сите граѓани- љубители на природата да се вклучат.

За време на акцијата ќе бидат почитувани сите мерки за заштита од Ковид-19, носење заштитна маска, држење соодветна дистанца, а учесниците ќе имаат можност и за честа дезинфекција на рацете.