Општина Куманово почна со дистрибуција на решенија за данок на имот и фирмарина за 2021 година, соопштија денеска од општината. Решенијата ќе се дистрибуираат преку „Македонска пошта”.
Даночните обврзници (правни и физички лица) кои се сопственици на имот што се одданочува, а кои на својата адреса нема да добијат решение за данок на имот или решение за комунална такса-фирмарина за 2021 година, ќе треба да се обратат во најбрз можен рок во Секторот за даноци и такси на Општина Куманово.
– Општина Куманово апелира до сите граѓани и фирми совесно и одговорно да се однесуваат кон законската обврска за плаќање на данок на имот и истовремено ги повикува сите граѓани, односно сопственици на имот што се одданочува, корисници или плодоуживатели на имот да го пријават или одјават имотот што е предмет на одданочување, повикаа од Општина Куманово.
Секој корисник или сопственик на имот кој се одданочува е обврзан во рок од 15 дена од моментот на стекнување на имотот, односно од добивање на употребна дозвола или впишување во Агенцијата за катастар на недвижности, да го пријавиимотот во општина Куманово. Доколку не го пријави имотот, општината ќе постапи согласно законските надлежности.