Таа е жена лидер, велат од Црвен крст Кавадарци, апелирајќи и други да го следат нејзиниот пример и да дадат свој придонес во општеството.

Оттаму додаваат дека сите овие години, таа е активно вклучена во нивните активности. Била поттикната од услугите на Општинската организација на Црвен крст Кавадарци кои ги пружа на лицата со посебни потреби и особено во подршката на децата и млади со посебни потреби од Дневниот центар и посебните паралелки.

-Бев присутна на работилници, одбележување на настани, екскурзии и бесплатни летувања и зимувања за анимирање и грижа на лица со посебни потреби и деца од социјално загрозени семејства во склоп на проектот на ЦКРСМ и МТСП, кој се реализираше повеќе години наназад. Како човек во кој се буди хуманоста и желбата за помош се вклучив и во евидентирање на крводарителите при организирање и спроведување на крводарителските акции во Кавадарци и Росоман. Секојдневно се среќавам со крводарители на кои им треба помош и подршка во мотивација за дарување на крв, вели Антиќ.

Со појавата на коронавирусот, од март 2020 година се вклучила во активностите на ООЦК Кавадарци со цел да им се помогне на граѓаните со бесплатни услуги на достава на лекови, храна и хигиена.

-Како дел од тимовите за бесплатни услуги посетивме голем дел на наши сограѓани на кои им требаше нашата помош во време на пандемија. Го информиравме населението за почитување на превентивните мерки, така што делевме флаери, заштитни маски и средства за дезинфекција, додава Антиќ.

Како последна активност во која била вклучена е и проектот за одговор на ковид последици, подржан од Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина.

-Беа направени теренски посети на 24 семејства кои имаа деца со посебни потреби и притоа беше направена анализа на финансиската состојба на семејствата и поддршка на истите. Оваа работа ме исполнува, мотивира и понатаму да бидам активен волонтер во Црвениот крст во Кавадарци, нагласува Антиќ.