Црквата „Света Петка“ во Дебар доби донација од сопственикот и вработените на фирмата „Евро тип“ од Битола.
-Со донацијата беше набавено она што во овој миг ни е најнеопходно, свештеничка одежда и црковен полиелеј. Од мое и од име на верниците благодарност до сопственикот и вработените на оваа битолска фирма за донацијата и украсувањето на црквата, изјави за МИА Миле Ангеловски, намесник на дебарската парохија.
Информираше дека набргу очекуваат донација, исто така од жител на Битола, кој ќе донира црковен свеќник (шандан) кој стои пред целивалната икона на света Петка, на кое ќе има кандило.
Овој божји храм, каде што се наоѓа и седиштето на парохијата, изграден е во 14 век. Црквата била обновувана неколкупати, а последните зафати се регистрирани во 1913 година и по катастрофалниот земјотрес во Дебар во 1967 година, додека камбанаријата била обновена во 1937 година.
Таа беше единствен православен храм во Македонија, веројатно и пошироко, што до 2007 година не беше фрескописан. Тоа значи дека таа ги немаше ниту двете најважни фрески – Пресвета Богородица – Ширшаја, која според канонскиот ред треба да биде над престолот во олтарот, и фреската Исус Христос – Пантократор, на највисокиот дел од црквата, на кубето.
– Овие две фрески мора да ги има секој православен храм. Нашиот ги немаше, а зошто беше така никој не може да потврди, рече 85-годишниот дебранец Киро Радоешки, чиј татко бил свештено лице и член на Одборот на Дебарско-кичевската епархија.
Благодарение на иницијатвата и залагањето на тогашниот парохиски намесник Благоја Спировски, црквата беше зографисана со донации на поголем број дебрани, постојани жители или со дебарско потекло, кои живеат главно во Скопје.