Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска во Рим се сретнал со повеќе наши граѓани и со претставници на неколку здруженија на дијаспората. Како што објави на својот фејсбук профил, ги повикал на активна мобилизација, а добил и нивна поддршка за заеднички да ја пренесат информацијата до иселениците во странство колку е важен пописот.

-Разговаравме и за други теми од интерес на дијаспората, за нивните загрижености, потребите, но и за можностите за унапредување на комуникацијата со државата, можностите за унапредување на достапноста на услугите кои ги користат граѓаните во странство, како и потенцијалите за нивно враќање во Северна Македонија, напиша Османи.

Министерот ја сподели и посетата во домот на Илир Фејзи, кој живее и работи во Рим.

-Топло добредојде во семејството на Илир Фејзи, во нивниот дом во Рим, каде разговаравме за секојдневниот живот и нивните потреби од државата. Ги запознав со процесот # Регистрација2021. Им беше најавено како да се регистрираат и за нив оваа можност беше многу исплатлива. Ги запознав и со постапката за #Попис2021. Тие веќе беа информирани и можноста за самопопишување значеше многу. Само на овој начин ќе можеме да креираме политики во интерес на државата, но и во интерес на дијаспората, наведе Османи.

Шефот на дипломатијата од денеска е во работна посета на Италија и на Светата Столица.


Администратор
08/03/2021 23:58