Директорот на Комисијата за односи со верските заедници Даријан Сотировски денеска одржа онлајн средба со неговиот грчки колега генералниот секретар за религиски работи при Министерството за образование и религиски работи на Хеленската Република Џорџ Каланѕис.

Како што соопшти Комисијата за односи со верските заедници, ова е прва македонско-грчка средба на одговорните државни функционери за религиски работи од двете држави, а била искористена за меѓусебно запознавање, презентирање на работниот процес на двете институции и главните цели во 2021 година, во која се уште, се наведува, сите се соочуваме со глобалната пандемиска криза.

-Директорот Сотировски истакна дека треба да развиваме соработка на повеќе прашања од взаемен интерес, како соседни држави, кои се соочуваат со слични регионални предизвици. Верата, верските традиции и вредности на нашите граѓани се мотив и можност за унапредување на соработката која може да придонесе до јакнење на меѓусебната доверба, стои во соопштението.

Генералниот секретар Каланѕис, се посочува, истакна дека ја поздравува отвореноста за соработка и дека Грција е силен поддржувач на сите развојни процеси во нашата држава.

На средбата биле разменети мислења по повеќе актуелни прашања во двете држави, како и регионот.

-Соговорниците првата средба ја оценија како мошне позитивна и полезна, изразувајќи очекување истата да придонесе кон идна широка соработка, како меѓу државите, така и меѓу верските заедници од двете држави, се наведува во соопштението.


Администратор
08/03/2021 15:46