Во Бугарија во моментов има јасна тенденција на зголемување на инциденцата на Ковид-19, а речиси 90 отсто од новите инфекции се со британската верзија на коронавирусот, јави дописникот на МИА од Софија.

Во најголемата бугарска болница за итни случаи „Пирогов“ малку повеќе од половината од ковид креветите се пополнети, изјави проф. Никола Габровски, заменик директор на институцијата.

Прашање на личен избор, смета Габровски, е дали некој ќе оди во ресторан или во трговски центар, коментирајќи ги лабавите антиепидемиолошки мерки во Бугарија.

-Животот мора да продолжи. Долго време кажувавме дека сите страдаме од оваа изолација. Во моментов се бара рамнотежа меѓу овие мерки и релативно нормалниот живот. Мојот повик, сепак, е да бидеме одговорни, додаде тој.

Докторот од „Пирогов“ изјави дека во Бугарија има добра организацијата за имунизацијата, но таа е ограничена поради малите количества на вакцини што се достапни. Тој е категоричен дека скептицизмот на оваа тема е значително намален и дека Бугарите се убедени во потребата од користење препарати против заразата.

Проф. Гебровски посочи дека при имунизацијата во „зелените коридори“ предност ќе имаат старите лица, но само откако ќе има доволно количество вакцини.


Администратор
06/03/2021 19:11