Во Крива Паланка денеска ќе биде отворена Европска куќа, објект на ЕУ каде младите ќе може да разговараат, да учат, да учествуваат во културни активности. Канцеларијата на Европската делегација во Скопје најави дека објектот ќе го отворат евроамбасадорот Дејвид Гир, претседателот Стево Пендаровски и градоначалникот на Крива Паланка Борјанчо Мицевски.
Следејќи го успехот на Europe House во Скопје и повратните информации од дебатите со средношколците од целата земја, Делегацијата на Европската Унија одлучи да отвори слични капацитети во другите градови, започнувајќи со Крива Паланка и Струмица.
-Europe House во Крива Паланка е првиот ваков центар што се отвора на локално ниво со цел поттикнувањето на младите луѓе да земат активно учество во обликувањето на европската иднина на земјата. Europe House е простор каде што младите луѓе од сите животни сфери може да се сретнат, да разговараат, учат, организираат настани, гледаат филмови, учествуваат во културни активности и да се забавуваат, наведуваат од Делегацијата на ЕУ во Скопје.
Свеченото отворање ќе вклучува изложба на фотографии од младите луѓе од Крива Паланка, креирани од младиот локален блогер Роберт Крстевски, како и видео пораки од европскиот комесар за иновации, истражување, култура, образование и Млади, Марија Габриел, и од неколку млади европски амбасадори од Северна Македонија.
Во оваа пригода ќе биде претставена новата мобилна апликација за организирање настани во сите Europe House центри. По свеченото отворање ќе следи цела седмица на онлајн активности, вклучувајќи работилници, вебинари, музички изведби, мултимедијални настани, итн. спроведени во согласност со безбедносните протоколи во услови на КОВИД-19.