Претседателот на САД, Џо Бајден ги враќа САД во борбата против климатските промени со создавање нови работни места за развој на чисти извори на енергија и таканаречена „еколошка правда“.

Со извршниот указ што Бајден го потпишува денеска се создава меѓуагенциски Совет за еколошка правда, со кацеларии за здравствен и климатски капитал во Министерството за здравство и социјала, како и канцеларија за еколошка правда во Министерството за правда.

Според указот, Владата треба да троши 40 отсто од инвестициите за одржлив развој во сиромашните делови и заедници на САД.

– Претседателот Бајден презема повеќе чекори за реализација на ветувањето да се справи со климатската криза и да создаде добро платени синдикални работни места за постигање еколошка правда, Џина Мекарти, советник за климатски промени во Белата куќа, истакна денеска на брифинг по повод донесувањето на указот.

Бајден ја става агендата за запирање на климатските промени како централен дел од надворешата политика на САД, а разузнавачките агенции ги оценуваат ризиците врз националната безбедност и економијата од влијанито на климатските промени, изјави Џон Кери, специјален претставник за климатски промени на претседателот.

– Ќе работиме на нова, повисока цел за намалување на штетните гасови кога следниот пат ќе се собираме во Глазгов, за обнова на Договорот од Париз, истакна Кери.

Бајден во Вашингтон свикува лидерска средба за климатските промени кој ќе се оддржи на 22 април, 2021, на Денот на планетата Земја.

Напорите на администрацијата на Бајден се во правец на запирање на зависноста на САД од јаглеводородни енергенси и премин кон користење на обновливи извори на енергија.

Мекарти изјави дека планот е да се удвојуват изворите на енергија од ветерни турбини до 2030 година.

Претседателот денеска воведува и мораториум за наем на федерално земјиште за истражувања за црпење нафта и гас, со ветување за заштита на 30 отсто од националните земјишта и води до крајот на оваа деценија.

– Итно намалување на штетните гасови е одраз на јавната свест и здравиот разум. Ние ќе го исполниме ветувањето дадено според договорите од Париз и ја третираме кризата тоа што навистина е, како вонредна ситуација, истакна Кери.

Додаде дека „секоја владина агенција сега е дел од нашиот тим за борба со климатските промени“.

Белата куќа исто така создава меѓуагенциска работна група која ќе им помага на локалните заедници да транзитираат од енергенси како јаглен и нафта во соларна, ветрена и други видови обновлива енергија. Тимот ќе биде раководен од Мекарти и Брајан Дис, директор на Националниот економски совет.

Климатскиот план на Бајден има широка поддршка и од Конгресот на САД. Според Чак Шумер, лидер на сенатското мнозинство, храбрата еколошка агенда на новата Администрација е добра за економијата на земјата.

Целта на климатскиот план на Бајден е САД да намалуваат по 51 милијарда тони штетни гасови годишно и економија напојувана од енергенси со нулта штетни гасови до 2050 година.

Експертите сметаат дека за постигање на оваа цел потребно е да се преземат драстични мерки.


Администратор
27/01/2021 23:33