Почитувани граѓани, ако сакате да се информирате до каде и како се одвива бојкотот на наставата од страна на средношколците, едвај ќе можете да најдете по некоја вест на медиумите. Но, затоа како главна вест денес се пласира поддршката која ја добила министерката Царовска од здружението на директори на основни и средни училишта. Но, има и храбри лица во ова време на притисоци, па прочитајте го и отвореното писмо на потпретседателот на независниот синдикат за образование и наука упатен до директорите на училиштата и многу работи ќе ви станат јасни.

Бојкотот на наставата од страна на матурантите продолжува. Трае од 21 Јануари, од првиот ден од второто полугодие и продолжува во 13 градови. Во Тетово целосно се бојкотира, во Гостивар, Кичево, Дебар, Струга и во Охрид. Настава не следат ниту матурантите во Ресен, Битола, Прилеп, Крива Паланка, Свети Николе, Берово, Пехчево, Виница и Радовиш. Делумно се протестира во Куманово и во Скопје, за што матурантите велат дека имало притисоци од страна на класните раководители и директорите, кои по состанокот со министерката Мила Царовска имале средба со родителите на матурантите, на кои им вршеле притисоци да не продолжуваат да бојкотираат.

Продолжуваат со најави за родителски средби, а со тоа и со притисоци. На медиумите излегоа фотографии од комуникација помеѓу професори и ученици “Досега имате 21 оправдан или неоправдан од тоа како ќе одлучите вие.” ”Дечки, ќе ве отстранат од школо, ВКЛУЧЕТЕ СЕ, не ставате нас класните во непријатна ситуација” – се дел од пораките кои матурантите ги добиле. Апелираме да се престане со користење на вакви методи за замолчување на младите.

Матурантите ќе ја бојкотираат наставата до петок, а дотогаш ќе иницираат петиција за поддржување на нивните барања, кои ќе ги испратат до Министерството за образование и наука.

Сојузот на средношколци изработил две истражувања што ги потврдија следниве наоди: 80% од учениците ја оценија онлајн наставата со 1, 2 или 3, односно со ниски оценки. Велат, образовните власти не успеаја да се справат со образованието за време на пандемијава. Отворете ги вратите, слушнете ги барањата и излезете им во пресрет, тие сите свои барања ги темелат на аргументи.

Ученици, знаеме дека ве има во голем број и имате наша поддршка. Вие сте храбри млади лица кои неуморно ќе се борите против ваквиот начин на притисоци.

Ги пратиме сите случувања и во тек сме дека планирате да испратите и писмо до пратениците во Собранието со што ќе барате да се отвори дискусија за државната матура. Ве уверуваме дека ќе ја добиете поддршка од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.


Администратор
27/01/2021 23:13