Владата на Република Македонија на 41-ва редовна седница го разгледа и го прифати Националниот план за КОВИД-19 вакцинација во Македонија и го задолжи Министерството за здравство и другите надлежни институции да го имплементираат и да доставуваат редовни месечни извештаи за остварениот напредок.

Вакцинацијата во државата ќе се спроведува во три фази во кои се опфатени различни категории граѓани. Фазите ќе бидат во согласност со првичните количини на достапни вакцини и ризичните приоритетни групи за вакцинација. Три главни групи се приоритетни, со цел да се обезбеди функционирање на здравствениот систем, да се заштитат лицата со најголем ризик од заболување, компликации и смрт и да се одржат основните услуги на критичната инфраструктура.

За спроведување на вакцинацијата ќе се користи постоечката здравствена инфраструктура и стручниот кадар кој досега ги спроведува вакцинациите во државата. Организацијата на системот ќе биде адаптирана согласно условите и во моментот кога ќе има поголем број на вакцини, вакцинацијата ќе се спроведува во поширок опсег со можност за вклучување на повеќе вакцинални тимови и отворање на пунктови.

Националниот план опфаќа и безбедна и сигурна логистичка поддршка за прием, складирање и дистрибуција на вакцините до вакциналните пунктови каде што ќе се спроведува вакцинацијата.

Инаку, српската премиерка Ана Брнабиќ при гостување во една од српските телевизии истакна дека ветените 8000 вакцини од Фајзер кои Србија ќе ни ги даде во вид на помош, бидејќи сме единствената земја во регионот па и пошироко која досега нема ковид вакцини, не можат да бидат испорачани во нашата земја поради тоа што ковид вакцината на Фајзер не е регистрирана и поради тоа што немаме план за вакцинација кој ќе се имплементира исклучиво за антиковид вакцините.


Администратор
27/01/2021 04:46