Наша цел е по најавениот попис на населението во април, следниот попис да биде исклучиво базиран на податоци од регистри, изјави вечерва директорот на Заводот за статистика, Апостол Симевски.

При гостувањето во емисијата „Вин Вин“ на ТВ Телма, во однос на информциите за можен бојкот на пописот од страна на опозицијата, Симевски рече дека тоа би била најлошата одлука што би можел да ја донесе некој политички субјект, посочувајќи оти на тој начин само ќе направи штета, односно „никаква корист за никого“.

– Така ќе останеме и понатаму единствената земја којашто ќе нема податоци од попис, ќе останеме единствената земја којашто нема да може да планира каков било развој од економски, образовен, културен аспект и ќе останеме црната дупка во светот како единствена земја што не го направила тоа и каде што никој нема да не третира како било каков партнер, нема да ни дојде ниту еден инвеститор повеќе во државата за да инвестира, немајќи никаква информација за тоа што нуди овој пазар како официјална работна сила, каков е овој пазар како потрошувачки, нагласи директорот на Заводот за статистика.

Околу попишувањето на лицата кои се заминати од државата, Симевски наведе дека тие ќе бидат попишани во посебни категории.

– Луѓето претходно се попишуваа плашајќи се дека ако не запишат нема да добијат државјанство или имотно право во државата, па така свесно даваа погрешни изјави и кажуваа дека тие се во државата и оваа бројка ја оптоваруваа дополнително, појасни директорот на Заводот за статистика.

На новинарското прашање околу резиденти, нерезиденти и вкупно население тој објасни дека таа терминологија сега се употребува во Законот и дека лицата кои се подолго отсутни од земјата нема да влезат во вкупниот број на населението.

– Тие ќе бидат запишани со цел да се одредат нивните карактеристики, образование со цел кога ќе се креира политиката да се знае дали од државата имаме одлив на мозоци и какви профили на луѓе заминале од земјава, додаде Симевски.

Симевски потенцираше дека кој нема да учествува во пописот ќе одговара кривично, а за тоа е предвидена казна од 5 години затвор.

- Првиот обид да не се излезе во пресрет да се дадат податоци, а е обврска по закон ќе биде санкциониран. Ние ќе поднесеме пријава , ние не сме казнена институција меѓутоа ќе поднесеме до обвинителството. Но, ќе поднесеме и на мотиваторот на таквото дејство – нагласи Апостол Симевски.

Симовски потенцираше дека ако не се излезе во пресрет за време на пописот тука веќе се сноси и кривична одговорност, а казните во законот предвидуваат 5 години затвор.

Се надевам дека ќе има доволно памет во оваа држава – рече Симевски.


Администратор
21/01/2021 22:47