Заеднички заклучоци како резултат на дебатата за нацрт концепцијата за основно образование и поставеноста на музичкото образование донесоа претставници на Здружението на музичките педагози на Македонија, Факултетот за музичката уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Факултетот за уметности при Универзитетот во Тетово, Сојузот на композиторите на Македонија, Сојузот на музичките уметници на Македонија и Националната опера и балет.

Сите релевантни институции од областа на музичката уметност изразија загриженост и несогласување со предлог концептот за основно образование. Истите укажаа за значењето на музичкото образование во севкупниот развој на децата и дадоа предлог решенија коишто Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието треба да ги имаат предвид при градењето на нов концепт.

Во продложение интегрален текст од Писмото со заклучоците испратено до Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието:

- Заклучоци од дебатата за нацрт концепцијата за основно образование и поставеноста на музичкото образование

Почитувана г-ѓо Мила Царовска, министер за образование и наука во Владата на РС Македонија,

најнапред Ви се заблагодаруваме на исцрпната презентација на нацрт концепцијата за основно образование. Учесниците на дебатата – претставници на професионалните здруженија, високообразовните музички установи и националните установи од областа на музичката култура и уметност – ги поддржуваат сите залагања на МОН за изнаоѓање оптимални решенија во образовниот систем насочени на растоварување на бројот на предметите, концентрација на насоките на учење, поттикнување креативност и способност за самостојно размислување и анализа кај учениците, разоткривање на потенцијалот и индивидуалните својства на детската личност. Во таа насока, и Здружението на музички педагози, и високообразовните музички установи, и други институции и поединци повеќе пати укажуваа и повторно укажуваат на незаменливата и непроценлива улога на музичките активности кои се одвиваат на часовите по музичко образование, изборните предмети од областа на музиката и на активностите во училишниот хор и оркестар за постигнување на овие цели.

Бројни се истражувањата кои научно докажуваат дека правилно водени музички активности од најрана возраст на детето директно придонесуваат за неговиот сестран развој (интелектуалниот, емоционалниот, моралниот, естетскиот и др.), позитивно влијаат врз успехот во учењето заради поврзувањето на интелектот со интуицијата и имагинацијата, го поттикнуваат развојот на говорот, ја будат креативноста, делуваат врз формирање на работните навики, осет за тимска работа, учење за други култури и почитување на различности.

Покрај сево ова, музиката претставува белег од огромно значење на националниот и културниот идентитет. Во ситуација кога звучниот простор е преплавен со музичките појави со ниско естетско и етичко ниво, часовите по музичко образование, по изборните предмети од областа на музиката, како и учеството во хорот и оркестарот за голем број ученици претставуваат единствено место кадешто тие можат да се запознаат со трајните вредности на домашната и светската музичка култура во сите музички жанрови, како и на изворниот фолклор на својата и другите етнички заедници. Од друга страна, музичките активности, а особено хор и оркестар, претставуваат можност за заедничко музицирање и дружење на учениците од различни етнички заедници, за што има исклучително позитивни примери во училиштата на РС Македонија во кои наставата се одвива на различни наставни јазици, како и во збратимените училишта.

Нашиот увид укажува дека сегашната поставеност на музичкото образование со актуелниот модел на наставата, усвоените и промовираните од страна на МОН наставни програми, изработените дигитални содржини, начинот на функционирање на училишниот хор и училишниот оркестар во целост е соодветна како со горенаведеното, така и со приоритетите и насоките содржани во новата предлог концепција:

- содржи интеграција на содржините, како во рамките на предметот, така и меѓу предметите од различни области;

- нуди флексибилност во наставните програми и планирањето на наставата;

- содржи иновативни приоди во наставата, проекти, искуствено учење кои се во природата на музичката настава и се спроведуваат на часовите по музичко образование, изборните предмети од областа на музиката и училишните хор и оркестар;

- овозможува прилагодување на наставата и оценувањето за различно ниво на вродениот потенцијал на учениците и индивидуалната манифестација на музичкиот талент;

- музичките активности на часовите и во училишните ансамбли придонесуваат за создавање позитивна клима во училиштето и личен развој на учениците;

- вербата дека „секој ученик може да учи и да се развива“ секогаш е манифестирана кај наставникот по музичко образование, особено во условите на задолжителната масовна музичка настава, без оглед на нивото на способностите на учениците.

За да се остварат сите наведени придобивки на музичкото образование и натаму да расте неговиот квалитет пресуден е стручниот наставник – познавач на различните жанрови и стилови на музичката уметност и поседувач на разновидните професионални компетенции сврзани со различни области на музичката дејност.

Во таа смисла, учесниците на дебатата сметаат дека:

- двата предмета од областа на уметности – музичкото образование и ликовното образование – треба да бидат самостојни заради нивната комплетно различна природа и различни вештини кои се совладуваат, а со модуларниот начин кој се предлага кај учениците ќе се изгуби континуитетот и квалитетот во совладувањето како на вештините, така и на комплетната наставна материја;

- интегрираниот пристап треба да се остварува на нивото на предметните содржини, за што кај наставниците по музичко образование веќе постојат бројни позитивни искуства за интеграција не само со уметничките предмети, но и со предметите од областа на јазиците, техничките науки, историја и др. Моделот на интегрирани предмети е соодветен за предучилишно образование и одделенска настава, а натаму треба да се изучуваат обликувани научни и уметнички дисциплини со свои предмети на проучување, терминологија и методологија;

- со цел квалитетно совладување на разновидните наставни содржини и вештини, но и со оглед на тоа дека токму часовите по музичко образование претставуваат ретка можност за слобода, релаксација и изразување на креативноста на учениците, бројот на часовите треба да изнесува 2 часа неделно во сите одделенија – особено во споредба со предложениот преголем број часови по математика (дури 5 часа наспроти сегашните 4 уште во прво одделение и во целата одделенска настава);

- за зголемување на квалитетот на музичката настава и правилното насочување на музичкиот развој на учениците предметните наставници треба да бидат вклучени во наставата, почнувајќи со 1 одделение, заедно со одделенските наставници;

- функционирањето на училишниот хор и училишниот оркестар треба да биде обврска на секое училиште и да добива потполна и сестрана поддршка на училишната администрација, општините и други фактори, а часовите по хор и оркестар треба да бидат во фондот на наставникот заради тежината и обемот на изведување на таа настава;

- истите фактори треба да ја реализираат потребата од опременоста на училиштата со музичките кабинети, музичките инструменти, техничките средства, ИКТ и сл. за квалитетната реализација на наставата и други музички активности;

- принципот на стручноста на наставникот треба да се применува и во воннаставните активности чиишто содржини треба да се реализираат на високопрофесионално ниво;

- за воннаставните активности од областа на танцот треба да се вклучи соодветен кадар дипломиран на студиската програма за балетска педагогија (класичен балет и современ танц) на ФМУ – Скопје;

- за предметот музичко образование како задолжителен потребно е да се изготвуваат учебници, најмалку од вториот образовен период, со структурирано водење во различните наставни теми и содржини, особено со можностите кои ги нуди дигиталниот формат.

Образовниот систем на РС Македонија досега има изградено одлични решенија – како програмски, така и организаторски – во доменот на масовната музичка настава, со квалитетни наставни програми, систем на оценување, вклученост на учениците, функционирање на училишните хорови и оркестри кои редовно учествуваат на градските, регионалните, државните но и меѓународните фестивали и натпревари, а со тоа претставуваат непроценлив расадник на музичката култура, делувајќи на долги патеки. Кои било понудени реформски решенија во потрага по нови идеи, модели и сознанија треба да го зачуваат и да поддржат се‘ што се покажа како добро, функционално, корисно и успешно.

Да не заборавиме дека масовното задолжително музичко образование е еден од темелите на музичката култура на РС Македонија која со своите дострели во музичкото и балетското творештво и изведување е препознатлива во светот. Зачувувањето на оваа позиција и овозможување на уште поголем квалитативен растеж е обврска на сите чинители на музичкото образование и култура. И понатаму стоиме на располагање за сите потреби на МОН и БРО во врска со прашања и проблеми на музичката настава и за изнаоѓање решенија.

Бараме претставниците на ЗМП и на музичките факултети и академија при државните универзитети во РС Македонија да бидат поканети како експерти од областа за доработување на предложената нацрт концепција.

Со почит,

Здружение на музички педагози на РС Македонија, претседател Силвана Гелевска

Факултет за музичка уметност – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, декан проф. м-р Живко Фирфов

Музичка академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, декан проф. м-р Антонијо Китановски

Факултет за уметности при Универзитетот во Тетово, декан проф. м-р Нафи Јашари

Сојуз на композиторите на Македонија, в.д. претседател проф. д-р Јане Коџабашија

Сојуз на музичките уметници на Македонија, претседател проф. м-р Љубиша Кировски

НУ Национална опера и балет

НУ Филхармонија на РС Македонија


Администратор
21/01/2021 20:02