Зошто македонската јавност не им верува на вакцините? Докторот Горан Трајковски, кој работи на интензивна нега во германскиот град Нирнберг, а пред три дена ја прими првата доза од фајзеровата вакцина, вели дека оние кои се против вакцинирањето веројатно сметаат дека е добро што вакцина се уште нема во Македонија.

-Антиваксерите ќе речат супер во предност сме да видиме што ќе се случи, може ќе дојде некоја подобра вакцина, ама ако ги прашате лекарите на интензивна нега, секој ден е ден предоцна. Дали, ако ја одбиваат вакцината, ќе ја имаат и доблеста кога не дај боже кога ќе стигнат во болница да речат ‘добро еве јас го давам мојот кревет на овој постар господин од мене’, бидејќи по пат на тријажа ние мора да го дадеме креветот на помладиот. Дали ќе ја имаат доблеста да речат, не сакам кревет, не сакам кислород, не сакам лекови, модерната медицина за мене не игра никаква улога, вели доктор Горан Трајковски за Алфа.

Смета дека не смее да има дилеми кај јавноста за тоа дали да се вакцинираат или не. Како пример ги посочува луѓето што не се спасиле од Ковид 19, а биле млади.

-Нешто што ме шокираше и што ме заплаши беше млад човек, моја возраст, се влоши состојбата, дојде на интензивна нега со потешкотии во дишење. Му дадовме високо концентриран кислород. Неколку часа подоцна овој млад човек беше како заспан, не беше контактибилен веќе. Му направивме КТ, дечкото имаше огромен мозочен инфаркт, кој што најверојатно според предвидувањата на невролозите, ќе го направи доживотен инвалид или да не може да комуницира веќе со надворешниот свет, се потсетува доктор Трајковски.


Администратор
16/01/2021 00:17