„Бугарски фашистички окупатор", руската вакцина „Спутник", служба за дезинфекција, легална продажба на марихуана, мексиканци, пирати, специјалци, беа дел василичарските маски, кои продефилираа низ вевчанските улици.

Годинашното карневалско издание, се разликува од претходните поради мерките за заштита од коронавирусот.

Под силно полициско обезбедување и со по две маски, една за заштита од Ковид 19, а другата василичарска, ниту во услови на светска пандемија, вевчанци не се откажуваат од скоро 15 вековната традиција за одржување на Вевчанскиот карневал.

Василичарите кои тргнаа од почетокот на селото, според планираното продефилираа до центарот на Вевчани, каде изостана традиционалното оро, но во еден момент имаше судир со полицијата, која сакала да спречи соединување на неколку помали групи во една поголема.

Како што може да се забележи од објавените видеа, полицијата со специјална единица упадна на карневалот.

Двете василичарски друштва, Горна и Долна маала се оградија од организацијата, а Општината пред речиси еден месец го откажа културно-забавниот дел.

– Никој неможе да ги спречи, поединечни маски сигурно ќе има. Не верувам дека ќе дојде до инцидент да се наруши јавниот ред и мир. Немаме никакви ингеренции во делот на организација на карневалот, изјави градоначалникот Сашо Јанкоски.

Преку маски, самостојни или групни на сатиричен начин вевчанци ги прикажуваат настаните што ја одбележале годината што измина, но и упатуваат пораки до институциите за одредени прашања. Тоа не изостана ниту годинава. Велат дека низ вековите се соочиле и со други пандемии како колера и лепра, но тоа не било причина да се прекине традицијата.

– И оваа година како и секоја продлжуваме. Ковид ни наложи да сме малку поизменети, но остануваме исти. Годинава василичарите прв пат носат по две маски, една василичаска и една за заштитна од коронавирусот. Ќе ги запазиме протоколите. Се ќе помине во најдобар ред. Ниту во колера и лепра не се откажал карневалот. Бил страшен и комунизмот и фашизмот, но василичарите излегле. И денеска покрај сите притисоци Василичарите излегуваат, истакна еден василичар.

Угостителските објекти се исполнети до последното место.

– Ги почитуваме мерките, се одржува дистанца, средства за хигиена има доволно. Не е тешко да се одржува редот. Вевчанци се дисциплинирани, кога ќе им се каже нешто се почитува, вели Наташа Мурџеска угостител од Вевчани.

Карневалот е нешто свето за вевчанци, тие секоја година во голем број излегуваат маскирани и според обичаите по дефилето низ улиците продолжуваат во домовите од каде го „бркаат лошото". Традиционално дел од манифестацијата се зетот и невестата, музичарите, глупавите августи и ѓаволите.

Карневалот е вековна традиција во Вевчани, а вевчанци цела година живеат со идеите како ќе се маскираат. Вевчанци ќе кажат се, но до карневалското дефиле маските ги чуваат во тајност. Традиционално карневалот почнуваше со дефиле под маски напладне на 13 јануари, а следниот ден маските се палат во центарот на Вевчани, со што завршува манифестацијата.


Администратор
13/01/2021 17:11