Според податоците на ИЈЗ, заклучно со 10.01.2021, пријавени се вкупно 86.597 случаи на COVID-19 (I=4.185,1/100.000).

Според место на постојано живеење/ повремен престој, случаи на COVID-19 се регистрирани во 35 градови/ЦЈЗ низ државата. Најголем дел регистрирани во Скопје, Куманово, Тетово, Прилеп, Гостивар, Штип и Битола додека највисок морталитет се регистрира во Прилеп, Струга, Охрид и Крушево. Највисок леталитет се регистрира во Крушево и Струга.

Во најголем дел од државата се забележува намалување на бројот на новозаболени кога се анализираат двата двонеделни периоди, во Виница и Дебар се забележува минимално зголемување, додека позначајно зголемување на бројот на новозаболени се регистрира во Крушево, Берово и Македонски Брод.

Највисока кумулативна инциденца на 100.000 жители се регистрира во Штип со 6.420,7 на 100.000 жители, Скопје (6.073,9/100.000), Кавадарци (5.319,1/100.000) и Свети Николе (5.128,7/100.000), а инциденца под 2.000 заболени на 100.000 жители се регистрира во Радовиш и Крушево.

Во однос на дистрибуцијата по пол, регистрирани се 44.184 машки и 42.413 женски лица. Специфичниот морбидитет кај машките е 4.262,7/100.000, а кај женските 4.107,2/100.000.

Возраста на заболените се движи од 0 до 101 година (просек – 45,3 години). Најголем број на заболени се на возраст над 60 години – 20.186 (23,3%) со инциденца од 5.266,5/100.000, а највисока специфична инциденца од 5.726,9/100.000 се регистрира на возрасната група од 50-59 години (15.924 заболени). Најниска инциденца од 759,3 и 1.466,7 на 100.000 жители се регистрира кај деца на возраст од 0-9 и 10-19 години, каде се пријавени 1.738 и 3.670 случаи соодветно.

Во однос на датумот на пријавување, првиот случај е регистриран на 26.02.2020. Највисок број на пријавени случаи на дневно ниво (n=1.406) е регистриран на 17.11.2020.

Првиот случај е регистриран во 9-тата недела, а од 11-тата недела во 2020 година континуирано се регистрираат нови потврдени случаи. Најголем број на заболени на неделно ниво (n=7.480) е регистриран 47-та недела. По пет недели регистриран пад на бројот на ново заболени лица, во последната недела е регистрирано зголемување.

Од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=70.094; 80,9%), 11,3% (n=7.933) се/биле хоспитализирани во текот на болеста, а останатите 62.161 (88,7%) биле/се на домашно лекување, асимптоматски или со полесна клиничка слика.

Според извештаите од болниците кои пристигнаа до ИЈЗ (КИБФС, ГОБ 8-ми Септември, ИБЗД Козле, КОВИД центрите на Универзитетксите клиники за Дерматовенерологија, Неврологија, Нефрологија, Гастроентерохепатологија, Офталмологија и Оториноларингологија, Инстиутот за белодробни заболувања и ТБЦ, Клинички болници Штип, Тетово и Битола, Општи болници Велес, Куманово, Прилеп, Охрид, Гостивар, Струмица, Струга, Кочани, Кавадарци, Кичево, Дебар и Гевгелија, УК за гинекологија и акушерство и КБ Систина) моментално се хоспитализирани 801 лица (8,6% помалку во споредба со минатата недела), а од нив 259 (-23,6%) се на кислородна поддршка и 11 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација.

Во однос на симптоми кои се пријавени кај заболените, најчесто се регистрирани температура (68,4%), кашлица (40,0%), малаксаност (39,4%), ослабен осет за мирис и/или вкус (27,3%), главоболка (22,2%), мускулна болка (18,3%), болка во грло (14,3%) и отежнато дишење (9,9%).

Од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=70.094; 80,9%), кај 15.117 или 21,6% од дијагностицираните лица не се регистрирани симптоми на заболувањето.

Од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=70.094; 80,9%), пријавени се 412 (1,0% од пријавените женски лица) случаи кај бремени жени, од кои 58 биле хоспитализирани во текот на болеста. Од вкупниот број на регистрирани бремени жени, 119 се асимптоматски случаи.

Од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=70.094; 80,9%), регистрирани се 3.439 (4,9%) случаи на заболување меѓу здравствени работници.

Во однос на коморбидитети, од случаите кои се епидемиолошки истражени, кај 21.486 (30,7%) лица се присутни хронична/и здравствени состојби, од кои 14.919 лица имаат кардиоваскуларна болест, 5.610 дијабет, 2.843 се со хронична белодробна болест и 3.986 со други хронични болести. Од хоспитализираните случаи, кај 4.755 (63,2%) се присутни коморбидитети.

Регистрирани се 2.635 смртни случаи (Лт = 3,0%). Во однос на дата на смрт најголем број на смртни случаи се регистрирани на 30.11.2020 година (n=40), а според недела на пријавување во тек на 48-мата недела (n=216) (Графикон 3). Од регистрираните смртни случаи, најголем дел се на возраст над 60 години (n=2.074) каде е регистриран и највисок специфичен морталитет – 541,1/100.000 жители. Регистрирани се 1.664 смртни случаи кај лица од машки и 971 кај лица од женски пол.

Од починатите, кај 1.951 (81,8%) се регистрирани коморбидитети, најчесто кардиоваскуларна болест (n=1.527), дијабет (n=685) и белодробна болест (n=307). Регистрирани се 3 смртни случаи кај бремени жени и 22 смртни случаи кај здравствени работници. Од пријавените случаи 161 (6,1%) починале во вонболнички услови, а 2.473 (93,9%) починале за време на хоспитализација.

Од случаите кои се епидемиолошки истражени (n=70.094; 80,9%), 1.029 (1,5%) се импортирани, од нив 11 се детектирани на точка на влез. Вкупно 23.046 лица (32,9%) имале контакт со веќе потврден случај на COVID-19 во државата.

Од 15.02.2020-10.01.2021 тестирани се вкупно 418.130 материјали (детектирани 86.597 позитивни лица) во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање за присуство на SARS-CoV-2 и во лабораториите во кои се спроведува брз антигенски тест. Со ова во Р. С. Македонија се направени 202.076 тестови на 1.000.000 жители.

Според исходот од заболувањето, 15.970 лица (18,4%) се активни случаи, 67.992 случаи (78,6%) се водат како оздравени (од нив 3.061 се здравствени работници и 370 бремени жени), испишани од болница, со 2 негативни теста по домашното лекување или по новиот алгоритам (Табела 4, Графикон 5). Од случаите кои се водат како оздравени, 4.332 (7,4%) биле хоспитализирани додека останатите 63.660 (93,6%) биле на домашно лекување.


Администратор
13/01/2021 16:38