На алтернативната сцена на „Ројал парк“ во Струмица задутре премиерно ќе биде изведена драмата „Каин“ од Џорџ Гордон Бајрон и делови од „Загубениот рај“ на Џон Милтон во продукција на Здружението за култура „Транзен“.

Режисерот Дејан Ангелов на прес-конференција денеска рече дека во јадрото на претставата е темата за бунтот кон сознанието и битието.

-Преку тој бунт Каин на крајот стигнува до некакво прозрение што лежи во суштината на човечкиот живот и неговата смисла и последното нешто до кое стигнува е ближниот до нас, другиот, лицето на ближниот, бидејќи на некаков начин ликот на другиот е ликот на Бог. И затоа во ова време на пандемија мислам дека пораката која треба да ја прати оваа претстава е да погледнеме во другиот, бидејќи времето тече, а што има по овој живот е големо прашање, рече режисерот Ангелов.

На актерот Саше Урдовски, кој ја толкува улогата на Каин, ова му е прв проект во кој учествува како дипломиран актер.

-Со оваа улога можам да го преоткријам мојот студентски багаж кој го донесов тука, во оваа претстава. Мислам дека влеговме многу чесно и искрено во овој процес во обид да ги разбереме постапките на Каин и за да достигнеме до неговата суштина, зашто тој го прави тоа преку нашите животи, нашите судбини, преведувајќи го на наш јазик сметам дека стигнавме до еден интересен резултат кој вреди да се погледне, рече Урдовски.

Улогата на Луцифер ја толкува актерот Стојан Велков-Трн, кој посочи дека живееме во време преполно со искушенија.

-Нашето време е преполно со искушенија затоа што еманатите на Нечестивиот, неговите продукти и краци скоро се невидливи. Претставата се прашува како првиот човек одолеал или не на искушението. Во битот на претставата е архетипноста и борбата на човекот со злото за преку него да стигне до доброто. Го играм Луцифер на еден парадоксален, можеби божествен начин, и сметам дека ја зацврстив мојата лична верба во Бога, во доброто, во она што е светлина, рече Велков-Трн.

Јасмина Мазгалиева од „Транзен“ информираше дека претставата се реализира во рамките на проектот кој здружението го реализира со институционален грант, добиен преку Швајцарската агенција за развој и соработка и програмата „Цивика мобилитас“ за развој на граѓанското општество.

Музиката во претставата е на Ставре Ангелаков, костимите ги изработи Ванчо Василев, а сценографијата и плакатот се на Никола Пијанманов.


Администратор
25/11/2020 16:34