Претседателот Стево Пендаровски не очекува во наредните неколку недели да се постигне договор со Бугарија со што би се деблокирал патот на Македонија кон ЕУ. Бугарија вели тој, драстично ја променила политиката кон земјава во изминатите неколку месеци. Со таква политика, според него, Бугарија покажува дека не може да излезе од времето на Тодор Живков. Сепак, вели дека решение треба да продолжи да се бара во иднина, но само преку научни и историски факти, а не политички.

-Реални шанси не постојат. Шанси некакви минимални постојат, но реални изгледи, високи, мнозински за жал не постојат. Затоа што, ме прашавете за Радев, јас ќе ги спојам овие две тези внатре околу шансите и околу мојот разговор со бугарскиот претседател. Претседателот Радев не се разликува од премиерот Бојко Борисов, од Екатерина Захариева, не се разликува од Каракачанов. Станува збор само за персонални стилови, личен стил, дали ти се изразуваш на еден начин, јас на поинакво начин, меѓутоа главните позиции , главните тези на бугарската политика кон нас или кон тоа како го велат тоа историачрите т.н. македонско прашање е идентично во последните 70 години. Основоположник на тие позиции дека не постои македонски народ и не постои македонски јазик е Тодор Живков. Значи практично, бугарската денешна актуелна современа политика, власт, опозиција сосема сеедно, нема излезено од матрицата на живкоизмот и од матрицата на нивната комунистичка историографија, рече Пендаровски за Трилинг на ТВ 24

Тој во интервјуто посочи дека во изминатите неколку месеци имало промена на политиката на Бугарија кон Македонија.

-Некои велат се должи на внатрешно бугарската политичка динамика пред нивните закажани парламентарни избори за март до година. Некои велат дека е тоа, јас тука мислам дека има резон дека е долгодецениска нивна политика по тоа прашање и тука нема политичар кој може битно да отстапи од тие параметри на таа позиција, вели претседателот Пендаровски.

Поради блокадата на евопските интеграции на земјава, потенцира Пендаровски, реално е да се јави евроскептицизам и антибугарско расположение.

-Антибугарското расположение не треба да чекаме дали ќе се случи во иднина. Тоа веќе се случува и јас притоа не би навлегувал во мотивите. Многумина велат заради ваквата реторика од бугарска страна многу е тешко вие да немате пораст на антибугарското расположение. Меѓутоа факт е дека такво нешто се случува. Она што загрижува е порастот на евроскептицизмот, вели Пендаровски.

Тој додава дека во изминатите неколку години поддршката за евроинтегративниот процес кај македонците се зголемила, со оглед на тоа што во периодот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ таа доста опаднала. Но, вели претседателот, реално е да се очекува повторно да има пад на поддршката за евроинтеграциите.

Сепак, претседателот Пендаровски не очекува дека е можна политичка криза поради блокада на овој процес за интеграција во Европската унија, туку само појава на десен популизам во политиката.

Пендаровски вели дека политиката на Бугарија за блокирање на земјава во напредокот за членство во Европската унија не е поддржана од ниту една земја членка. Информациите коишто ги имаме од Брисел, како што потенцира, велат дека ниту една земја или државник не го поддржува ветото од официјална Софија, за старт на отпочнување на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ.

Тој вели дека во земјава е потребно да има национално помирување и заеднички позиции околу две три точки и прашања меѓу политичките субјекти.

– Факт е дека станува збор за различни идеопартиски идеологии. Јас разбирам дека од тој аспект гледано тешко е да се направи национално помирување или заедничка национална позиција за две – три точки. Меѓутоа, таков тип на партиска поделба постои практично во сите демократски држави во светот. И тие повторно успеваат да направат национален консензус, за име, за јазик, за евроинтеграции…, вели претседателот Пендаровски.


Администратор
21/11/2020 01:04