Премиерот Зоран Заев денеска одржа состанок преку видео конференциска врска со неговиот албански колега Еди Рама и претседателот на Србија, Александар Вучиќ, на кој е реафирмирана иницијативата за подобрување на напредната регионална соработка во рамки на Берлиснкиот пероцес, започната минатата година.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, кабинетот на Вучиќ соопшти дека на средбата е констатирано оти иницијативата е целосно во согласност со Берлинскиот процес и дека претставува добра основа за претстојниот Самит на лидери на Западен Балкан, што ќе се одржи во Софија.

Активностите на иницијативата за подобрување на регионалната соработка беа одложени заради пандемијата КОВИД-19, како и заради изборите одржани во Македонија и Србија.

– Тројцата лидери се согласија дека кризата дополнително ја истакна потребата од интензивирање на соработката и регионалната економска интеграција, потенцирајќи дека е исклучително важно за западнобалканската шесторка дополнително да се вклучи во подобрувањето на регионалната соработка и затоа ја повикаа Приштина да се приклучи на иницијативата, се наведува во соопштението.

Поканата уследи по воспоставувањето на рамката дефинирана во Вашингтон во септември оваа година помеѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Авдулах Хоти.

– Претседателот Вучиќ и премиерите Рама и Заев, се согласија да формираат постојана работна група што ќе вклучува официјални претставници на владите на секоја од земјите учеснички, со цел да се забрза процесот на потпишување и спроведување на договорените активности во рамките на иницијативата за подобрување на регионалната соработка, се додава во соопштението.

Учесниците на состанокот се согласиле дека оваа иницијатива може да се искористи и за идентификување на заеднички инфраструктурни проекти насочени кон развој на регионот, во согласност со Економско-инвестицискиот пакет на ЕУ за земјите од Западен Балкан.

Тројцата лидери изразиле надеж дека и владите на Црна Гора и Босна и Херцеговина наскоро ќе можат да се приклучат на оваа иницијатива, со што ќе се постигне подобра економска соработка меѓу сите земји во регионот, што ќе резултира со зголемување на слободите, трговската размена и подобрување на животниот стандард за сите луѓе регионот.


Администратор
31/10/2020 00:30