Продолжува високата бројка на новозаразени со Ковид-19 во Албанија, што потврдува и денешната бројка од 319 новозаразени што е нов негативен рекорд.

-Состојбата и понатаму е сериозна. Од направените 1.534 тестови Ковид-19 е дијагностициран кај 319 или 21 отсто од тестираните. Најголем број од новозаразените се од Тирана 141, па од Фиер 38 а се зголемува и бројката на заразени во Подградец, Елбасан и Корча. Апелираме на строго почитување на мерките за заштита, со цел да не мораме повторно да ги заоструваме мерките односно воведување карантин, стои во соопштението на Минстерството за здравство и социјална заштита.

Според Министерството, во последните 24 часа битката со опасниот вирус ја изгубиле три лица или 502 до сега, додека ја добиле 90 или 11.097 од вкупно заразените 20.634.

Негативен рекорд е забележан и кај хоспитализираните лица, кој ја надмина бројката од 300.

Во меѓувреме опозицијата обвини дека дневно соопштените бројки на заразени е нереална.

-Ова се нереални бројки, заразените со опасниот вирус се два и трипати побројни. По болниците нема тестови, луѓето чекаат со денови па се оставени на судбината. Исто така

голем е бројот на оние кои иако се заразени не се јавуваат во болниците бидејќи, поради бедата во која ги донесе Еди Рама, немаат средства за лекување, обвини Љуљзим Баша, лидер на опозициската Демократска партија.

Тој апелира за итно преземање мерки за да се спречи катастрофа и побара да се прават најмалку 2.500 тестови дневно.


Администратор
30/10/2020 21:32