Националниот институт за јавно здравство на Косово (ИКШПК) попладнево објави дека минатото деноноќие во земјата се потврдени 418 нови случаи на заболени од Ковид-19, што претставува највисока бројка на новозаразени од коронавирусот од појавата на пандемијата, јави дописникот на МИА од Приштина.

Вкупно досега, според официјалните статистики на косовските здравствени власти, вирусот е откриен кај 19.328 лица тестирани со методот РТ-ПЦР.

Во текот на вчерашниот ден имаше и четири нови случаи на починати лица кои биле заболени од Ковид-19, со што бројката на жртви на епидемијата се искачи на 678.

Минатите 24 часа се регистрирани и 67 излекувани, додека бројката на пациенти кои досега ја совладале болеста достигна до 15.434.

Активни носители на вирусот моментно во Косово се 3.126 лица.

Жариште на епидемијата е главниот град Приштина, каде што вчера беа потврдени нови 188 случаи.

Вчера е забележан и рекорден број на извршени тестови, 1.608, со што вкупната бројка на испитаници за присуството на коронавирусот, од почетокот на епидемијата достигна до 92.706.


Администратор
30/10/2020 21:13