Грција продолжува да биде активен лобист и поддржувач на европската перспектива на Македонија. Земјава се наоѓа пред една нова значајна фаза во напредокот во интеграцијата во Европската Унија, која до крајот на оваа година се очекува да биде заокружена со одржувањето на Меѓувладината конференција и формалното започнување на пристапните преговори со ЕУ. Ова беше истакнато на денешната средба меѓу шефот на дипломатијата Бујар Османи со грчкиот амбасадор во земјава Димитрис Јанакакис.

Како што соопшти МНР, на средбата, соговорниците ги разгледаа сите аспекти од соработката меѓу двете држави, вклучително и можностите за интензивирање и продлабочување на билатералните односи преку конкретни форми и иницијативи.

– Само преку натамошно интензивирање на меѓусебната комуникација, засилување на политичката комуникација на повеќе нивоа, како и со повеќе ангажмани и активности се надградува довербата меѓу соседите, и тоа претставува добар пример за целиот регионот, истакна Османи.

Биле отворени темите и за најновите состојби во регионот, особено во насока на динамиката на европската и евроатлантска перспектива на земјите од Западниот Балкан, како и други теми од заемен и меѓународен интерес.

Двајцата соговорници го нагласија значењето на Договорот за стратешко партнерство меѓу Македонија и Грција (Преспа) како и воспоставената доверба кои сѐ повеќе добиваат карактеристики на долгорочно партнерство и пријателство. Преку акциониот план, потпишан меѓу двете влади, продолжуваат да се реализираат и преземаат бројни конкретни активности и форми на соработка, се наведува во соопштението на МНР.


Администратор
30/10/2020 16:16