Во рамки на јубилејот 75 години од почетокот на настава на мајчин македонски јазик на територијата на новата македонска држава, кој се одржа во Гимназијата во Битола, денес во таа образовна установа беше промовирана публикација „Академиците од Битолската Гимназија“ чиј автор е адвокатот Никола Главинче.

Целта на публикацијата е да се афирмира податокот кој е своевиден феномен и реткост на овие простори – во едно училиште да матурирале толку голем број на академици вкупно18 и пет народни херои, истакна авторот Главинче.

-Со оваа публикација воедно се претставени личните вредности и професионалните и општествените достигнувања на најзначајните ученици, кои својот живот го посветиле на општото добро и кои го достигнале врвот на професијата, за што потврда е изборот за членови во најзначајната научна и уметничка институција во државата. Со оддавањето на почит кон нив се истакнува нивното значење и вредност, но и значењето и вредноста на Гимназијата како образовна институција, која била базата за нивниот понатамошен успех, нагласи Главинче.

На промотивниот настан во Битола, авторот порача дека со публикацијата се оддава почит за оние кои ги положија своите животи за нашата и слободата на идните генерации, подвижен споменик за личностите кои со својата професионалност го унапредија и ги унапредуваат нашето општество, науката и уметноста.

-Уверен сум дека ова е потсетник за длабоко врежаните вредности на еден град и едно училиште, начин да се заблагодариме за придонесот на училиштето во стекнувањето на знаење и градење на карактерот, инспирација за други иницијативи и афирмирање на вредности на други значајни институции и поединци, но и идејаи за пишување на нови публикации за Гимназијата, за нејзините ученици кои ги достигнале врвовите во медицината, правото, општествено-политичкиот живот, општествените науки, природните науки, уметноста, рече Главинче.

Во рамки на промотивниот настан, на јавноста и беа презентирани две комплетно училници со маси и столчиња кои се транспортирани и подарени од Техничкиот институт од Васербург, Германија, а комплетно е опремен и кабинетот по Информатичка технологија со 25 компјутерски маси и 25 компјутери со дополнителни елементи, како и инвентар за кабинетот по инфроматика, за што придонесоа Ротaри клуб и АД „Киро Дандаро“.


Администратор
30/10/2020 16:06