Третоноемвриската награда на Прилеп за животно дело годинава ја доби прилепскиот спортски новинар Миле Талески, за особен придонес во развојот на новинарската професија, соопшти денеска Општинската комисија за одбележување празници и манифестации и доделување награди и признанија при Советот на Прилеп.

За денот на ослободувањето на Прилеп, Комисијата се реши да им оддаде признанија на медицинските установи кои покажуваат несебична посветеност, одговорност и пожртвуваност при справувањето со пандемијата на Ковид-19. Наградата – плакета „3 Ноември“ ја добиваат: Одделот за инфектологија при градската болница „Борка Талески“, службата за Итна медицинска помош и домашно лекување, Одделението за трансфузиона медицина и одделението за епидемиологија при Центар за јавно здравје во Прилеп.

Доделена е и постхумно „Златна плакета“ за животно дело. Ја доби големата музичарка Нина Спирова за особен придонес и создавање трајни вредности во музичката уметност.

За покажана висока општествена одговорност во справувањето со пандемијата на Ковид-19, добитник на Плакета „3 Ноември“ е компанијата „ГИФТИ ТЕКС“, а за придонес во заедницата преку младински волонтеризам и хуманитарни активности, плакета добива и приелпскиот „Лео клуб“.

Градот, соопшти претседателот на Комисијата, Тони Камчески, додели и третоноемвриски дипломи на: Ванѓел Здравески, член на медицинскиот тим кој ја изврши првата трансплантација на срце во Република Северна Македонија, Асен С. Стаменов, за особен придонес во развојот на литературното творештво, Киро Здравески за постигнувања во областа на џудо – спортот и актерот Андон Јованоски – Ашата, за постигнувања во областа на театарската уметност.

Наградите ќе бидат доделени на свечената седница на Советот на Општината која, согласно со протоколите за организирање настани ќе се одржи во вторник, на 3 ноември, на денот на празникот на градот.


Администратор
30/10/2020 15:43