Со средства од грант за кој денеска Договор потишаа Министерството за труд и социјална политика и Општина Гостивар ќе се доградува детската градинка „Детска радост“, објект „Цветови“. Со ова ќе се овозможи капацитет и услови за сместување нови 100 дечиња во општината Гостивар.

-Ова говори за нашата посветеност како Влада и Министерство на програмската определба за зголемување на капацитетите за сместување деца од претшколска возраст, бидејќи е многу важен квалтетниот развој на децата во најраната возраст за да имаат успешен влез во образовниот процес и да се градат како квалитетни граѓани, изјави по потпишувањето министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Таа додаде дека до крајот на четиригодишниот мандат на Владата треба да се зголеми опфатот на децата во претшколски установи и тој да биде 60 проценти, односно дотогаш да се зголемат капацитетите за згрижување на околу 7.800 деца. Потсети дека пред еден месец во Гостивар била пуштена и градинка во со капацитет за сместување на 57 деца, и потенцира дека со проектот за кој денеска беше потпишан Договор ќе се создадат капацитети за згрижување дополнителни 100 деца.

-Со проширување на постојните и изградба на нови ние работие систематски, посветено со цел да го подобриме квалитетот на предучилишното образование. До крај на годината ќе отвориме нови детски градинки во Ресен, Бсилово, Брвеница и Сарај, за згрижување на 423 деца. За нас децата се врвен приоритет, а квалитетното образование, почнувајќи од најрано возраст, претставува врвен приоритет, рече Шахпаска и додаде дека Владата ќе работи на имплементација на оваа политика, но обара и поддршка и соработка и од локалните самоуправи.

Во тој контекст, градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари истакна дека општина Гостивар е единствена урбана опозициска општина и како таква во изминатите три години само со Министерството за труд и социјална политика имале одлична соработка.

-За среќа во изминатите три години имавме фантастична соработка со МТСП, која продолжува и натаму и со новата министерка. Сакам за тоа јавно да се заблагодарам бидејќи само од ова Министерство сме биле третирани како и секоја друга општина. Оттаму се успесите на терен. За овие три години владеење во општина Гостивар има нови четири градинки, а денеска потпишавме договор за петта, што е огромен успех за една општина, истакна Таравари.

Пред мандатот, посочи, во општина Гостивар имало околу 350 деца на листа за чекање за згрижување во градинките. Сега, како што рече има околу 200 или 250 поради протоколите за работа во пандемија, истакнувајќи дека кога градинките би работеле со полн капацитет воопшто не би имало листа на чекање.


Администратор
30/10/2020 14:54