Мандатарката на новата српска влада, Ана Брнабиќ во експозето со планот за работа на владата и идните министри посочи дека новата ќе биде и влада на континуитет со владите од 2014 и од 2017 година.

Брнабиќ во српскиот Парламент посочи дека владата ќе има шест цели – борба против новиот коронавирус и зајакнување на здравјето, зачувување на виталните интереси на Србите на Косово, борба против организираниот криминал, зачувување на независноста на Србија и самостојно носење одлуки, владеењето на правото и забрзување на реформите на европскиот пат и понатамошно економско зајакнување на Србија.

– Почнавме да работиме, престанавме да лелекаме, кажа Брнабиќ, додавајќи дека „платите и пензиите континуирано ќе се зголемуваат“, и оти стапката на раст „најверојатно ќе биде највисока во цела Европа“, како и да „иако јавниот долг расте поради кризата од коронавирусот, горда сум што успеавме да одржиме ниско ниво на јавен долг“, посочи Брнабиќ

Таа говореше и за политичките предизвици со кои се соочува новата влада, потенцирајќи го дијалогот со Приштина.

– Од Заедницата на српски општини нема да отстапиме – остануваме на дадениот збор. Ќе ги координираме потезите со претседателот Александар Вучиќ и нашиот народ во Косово, кажа Брнабиќ.

Таа додаде дека владата што ја предлага че биде проевропска, која треба да ја забрза интеграцијата во ЕУ и да го реформира судството.

Во согласност со тоа, испратена е иницијатива за промена на Уставот, со што ќе се обезбеди независно судство, независно од сите политички влијанија, но и поефикасно и поодговорно кон граѓаните, кажа Брнабиќ.

Таа говорејќи за надворешната политика на Владата, мандатарката кажа дека Србија ќе продолжи да гради добри односи со Русија и Кина, но и со пријатели како Обединетите Арапски Емирати, Турција, Индија, земјите од Јужна Америка.

– Но, ние исто така сакаме подобри односи со САД, порача Брнабиќ.

Во регионот, Србија ќе ги развива доборососедските односи, „ќе го интензивира и ќе работи на имплементација на така наречениот мини Шенген и ќе се грижи за статусот на Србите во соседните земји, за нивното право на нивниот јазик, религија и култура.

Собранието на Србија денеска ќе расправа и ќе гласа за новата Влада на Србија, во која ќе има 21 министерство, двајца министри без ресор и пет потпретседатели.

Според предлогот на Брнабиќ, вицепремиери ќе бидат Бранко Ружиќ (прв вицепремиер), Бранислав Недимовиќ, Зорана Михајловиќ, Небојша Стефановиќ и Маја Гојковиќ, а министри без ресор Ненад Поповиќ и Новица Тончев.

За министер за надворешни работи предложен е Никола Селаковиќ, министер за внатрешни работи Александар Вулин, министер за одбрана Небојша Стефановиќ, министер за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ, министер за финансии Синиша Мали, министер за здравство Златибор Лончар и Татјана Матиќ за министер за трговија, туризам и телекомуникации.

Маја Гојковиќ е номинирана за министер за култура и информации, Томислав Момировиќ за министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Дарија Кисиќ Тепавчевиќ за министер за труд, вработување и социјални работи, Ратко Димитровиќ за министер за семејство и демографија, Анѓелка Атанасковиќ за министер за економија, а Банко Ружиќ за министер за образование.

За министер за земјоделство, водостопанство и шумарство предложен е Бранислав Недимовиќ, министер за правда Маја Поповиќ, министер за европска интеграција Јадранка Јоксимовиќ, министер за заштита на животната средина Ирена Вујовиќ, министер за државна администрација и локална самоуправа Марија Обрадовиќ.

Мандатарката предложи Министерството за грижа на селата да биде предводено од Милан Кркобабиќ, Министерството за човекови и малцински права и социјален дијалог од Гордана Чомиќ и Министерството за спорт и млади Вања Удовичиќ.


Администратор
28/10/2020 15:01