Oпштинскиот Кризен штаб на Кавадарци вечерва заседаваше на иницијатива на градоначалникот Митко Јанчев поради тоа што бројот на заразени од коронавирус е во постојан пораст.

Во заклучоците кои по состанокот на прес- конференција ги соопшти Јанчев е наведено дека капацитетот на ЈЗУ Болница со проширена дејност-Кавадарци се уште не е пополнет, во случај на исполнување на капацитетите да се оспособат просториите во останати одделенија, да бидат спремни и доколку има потреба да се стават во функција.

Се упатува апел до граѓаните на општина Кавадарци да бидат максимално одговорни кон почитувањето на мерките од Владата, посебно за одржување дистанца и носење заштитна опрема. Се апелира исто така до граѓаните доколку почувствуваат некој од симптомите на Ковид-19, навремено да се јавуваат кај матичните лекари, со цел да се направи навремена изолација и да се намалат последиците по нивното здравје.

Се задолжува Територијалната противпожарна станица заедно со комуналните инспектори да формираат заеднички тимови, да ја употреби достапната дронска технологија за да може да ги мониторираат изворите на загадување на воздухот и да постапуваат соодветно според законските регулативи и тие да се санкционираат.

-Полицијата ги има под контрола сите угостителски објекти и се констатира дека се почитуваат мерките за работното време до 23 часот. Истовремено се апелира до граѓаните сопственици на викенд-куќи да се воздржат од издавање за одржување на забави и прослави, стои во заклучоците.

Кризниот штаб заклучил да се воведат повторно мерките за дезинфекција на објектите каде се сместени јавните институции, училишта, станбените згради за колективно домување, јавните површини, како што се паркови, урбаната опрема во градот, детски игралишта, како и да се продолжи со аеродезинфекција.

Се задолжуваат Противпожарната единица, Шумско стопанство „Бор”, јавните претпрјатија „Комуналец”, „Јасмин” и „Паркинзи” да ги задолжат вработените двапати во неделата да ја спроведат дезинфекцијата согласно со насоките од општината, се вели во заклучоците од Кризниот штаб Кавадарци.


Администратор
27/10/2020 02:21