Претседателот на Собранието на Србија и лидер на социјалистите, Ивица Дачиќ, изјави дека се што се прави сега при формирањето на Владата на Србија е со цел да се постигне стратешки договор за 2022 година, односно заеднички настап на СПС и СНС на вонредните градски и парламентарни и редовните претседателски избори, јави дописникот на МИА од Белград.

На прашањето дали претседателот на Србија, Александар Вучиќ, го „отстранил“ во Собранието или, пак, сам одлучил, Дачиќ за ТВ Прва изјави: „Јас не сум „отстранет“, туку заедно со Вучиќ одлучивме дека таа институција мора да се зајакне. Никогаш ниту еден лидер на партија не бил претседател на Собрание, бидејќи сите гледаа да ја измерат својата моќ преку извршната власт“.

Вучиќ не мораше да ми ја понуди функцијата претседател на Парламентот, истакна Дачиќ, нагласувајќи дека Србија ќе има избори во 2022 година, а „тука има повеќе болести, од кои едната е кратковидоста“.

– Сите сега ќе ја толкуваат позицијата на СПС на овој или оној начин, колку министри ќе имаме, а никој не прашува колку кој е моќен на политичката сцена, кажа Дачиќ.

На прашањето кој ќе биде министер за образование од редовите на СПС и заклучокот дека СПС ќе има помалку министри отколку во поранешната влада, Дачиќ кажа дека СПС има претседател на Парламентот и одговори со прашањето: „Колку министри вреди оваа позиција?“.

Дачиќ додаде дека Душан Бајатовиќ останува на моќното директорско место во „Србијагас“, истакнувајќи дека неговата позиција не е доведена во прашање. Според него, тој има предлог кој би можел да биде министер од редовите на СПС, но тоа нема да го открие во медиумите.

Вучиќ на вчерашната прес-конференција, на која беа соопштени имињата на новата српска влада, изјави дека нивниот коалициски партнер СПС, „поради внатрешни недоразбирања се уште го нема одредено името за нов министер за образование и две до три имиња за министри без ресор“.


Администратор
26/10/2020 17:50