Во организација на Спортското риболовно дрштво „Трофта" од Дебар и „Carp Team" од Тетово, на брегот на Дебарското Езеро за првпат се одржа натпревар во лов на див крап „CARP CUP Дебар 2020".

-Во изминатите три дена мајсторијата во лов на див крап, што го има во нашето езеро, ја покажаа 20 екипи риболовци од Скопје, Куманово, Кичево, Охрид, Битола, Струга, Лабуништа, Велес и Дебар, изјави за МИА претседателот на „Трофта", Дритан Боцку.

Идејата била натпреварот да има меѓународен карактер со рибари од Србија, Хрватска, Косово и Бугарија, но таа не се реализирала поради пандемијата со Ковид-19.

– Се натпреваруваа со по шест трски, а ловеа на пченка и бојли. Прво место освои екипата „Алхемичари" од Кичево со уловени 20 килограми и 250 грама, второто место и припадна на екипата „Електро Биби" од Дебар со два клограма и 480 грама и третото место на екипата „Лабуништа" со килограм и 630 грама, информира Беркант Белули од „Carp Team".

Пехарите и медалите на најдобрите им ги врачи градоначалникот Хекуран Дука.

-Ваквите активности општина Дебар целосно ќе ги поддржува со единствена цел да се промовира спортскиот риболов и нашиот град кој има бројни ресурси и потенцијал за развој на овој вид спорт, истакна Дука.

Додаде дека ќе лобираат Дебарското Езеро да се даде под концесија само за спортски риболов, бидејќи искуството од минатото покажало дека давањето на езерото за комерцијална експлоатација е погрешно и го уништува рибниот фонд.


Администратор
26/10/2020 03:16