Завршија археолошките истражувања на катедралниот храм со мартириум на археолошкиот локалитет Кале во село Крупиште, Општина Карбинци, објави денеска директорот на Заводот за заштита на споменици и Музеј на град Штип, Митко Штерјов.

-Археолошките истражувања резултираа со откривање на катедралниот храм со димензии 28.5х30 м. со концепција на троброден храм со наос, нартекс, егзонартекс и мартириум во јужниот брод. Катедралниот храм е изграден врз доцноантичка базилика со мартириум од IX и X век каде се пронајдени и две плочи со букви од глаголицата, додека постоечкиот катедрален концепт го добива од XI до XIII век, вели Штерјов.

Тој додаде дека во егзонартексот откриена е доцноантичка гробница и гробови кои датираат од XI до XIII век. Од гробните прилози откриени се стаклени бронзени белегзии и монети од истиот период. На овој археолошки локалитет се истражува по 40 години, а академик Блага Алексова во своите истражувања наведува дека овде бил градот Равен, каде што Кирил ја напишал глаголицата, а Методиј бил назначен за епископ. Истражувањата на археолошкиот локалитет Кале чинат 400.000 денари, а се обезбедени од Министерството за култура.


Администратор
21/10/2020 23:06