Европскиот Парламент на пленарна дебата побара построги правила и поголема транспарентност за случаите на полициска бруталност во Европската Унија, јави дописничката на МИА од Брисел.

Дебатата се одржи во присуство на еврокомесарката за внатрешни работи, Илва Јохансон, по повод случај на полициска бруталност во Белгија, што беше обелоденет пред неколку месеци.

Медиумите во Белгија открија дека во февруари 2018 белгиската полиција смртно претепала словачки граѓанин, кој бил задржан за распит на аеродромот во градот Шарлероа.

Европратениците порачаа дека полициската бруталност посебно кон ранливи и малцински групи во општеството ширум ЕУ треба да биде предмет на построг надзор од страна независни надворешни тела, и дека е потребна одговорност и отчетност од страна на полицијата.

Случајот со полициската бруталност во Белгија ќе се следи од блиску од страна на членовите на комисијата за граѓански слободи на Европскиот Парламент.


Администратор
21/10/2020 15:40