Шефот на Пентагон, Марк Еспер, изјави дека дел од американските сили кои неодамна започнаа дислокација од Германија, можат да останата трајно во Полска, во балтичките земји, како и во Романија и во Бу гарија, а Ковид-19 треба да ги поттикне НАТО сојузниците да трошат повеќе за колективна безбедност.

-По потпишувањето на Договорот за одбранбена соработка со Полска, моите неодамнешни средби со министрите на Романија и Бугарија и добиената кореспонденција од балтичките држави, постои вистинска можност за распоредување на Вториот механизиран полк во некои од овие земји на постојана основа, изјави Еспер синоќа на виртуелна средба во организација на Атлантски совет.

Репозиционирањето на американските сили во Европа, според него, има неколку цели, првата од кои е „задржување на Русија“. Во јули, претседателот Доналд Трамп најави префрлање на војска во други европски земји. Се работи за распоредување на околу 9.500 американски војници, дел од американскиот контингент во Германија.

Еспер изјави дека на министерскиот совет на НАТО неделава ќе повика на подобрување на готовноста, зголемување на финансиското учество и решавање на општите предизвици.

-Кога зборуваме за споделување на трошоците, НАТО сојузниците успееја да дополнат 130 милијарди долари за трошоци за одбрана со лидерството на САД. Уште повеќе, оваа цифра очекуваме да порасне до 400 милијарди долари до 2024 година, рече тој.

Според него, од јуни годинава, девет сојузници ја запазиле обврската за одбрана во висина од два отсто од БДП. Во 2016 година определбата ја запазувале само пет земји.

Ова е уште позначајно и сите сојузници треба да ја исполнат и да се ангажираат повеќе во колективната безбедност посебно во време на пандемија од Ковид-19, велат од Пентагон.

-Заканите денес не исчезнаа, а напротив, се зголемија, додека нациите се свртуваат кон себе да закрепнат а нашите конкуренти сакаат да ја искористат глобалната криза, истакна Еспер.


Администратор
21/10/2020 14:55