И годинава продолжија истражувањата на населбата од раниот неолит, стара над 8000 години, во близина на селото Костурино кај Струмица.

Истражувачката кампања на археолозите од НУ Завод и Музеј Струмица оваа година откри дека локалитетот егзистирал во 6000 година пред нашата ера, населбата се наоѓа на мало издигнување и била кружно поставена, а се истражува подвижниот и недвижниот инвентар.

Археолошките истражувања се вршат на локалитетот Орниче. Таму пред седум години била лоцирана неолитска населба, односно биле пронајдени одредени фрагменти од керамика и други предмети, кои упатувале на постоење на таква можност.

-Локалитетот е посебен по тоа што претставува една од главните алки во неолитизацијата на Централниот Балкан, од оној Анадолско-Балкански комплекс, а овој објект е еден од главните пунктови на овој правец. Интересно е што објектот страдал некаде кон крајот на шестиот милениум во некои судири и конфликти, дали меѓуплеменски, дали инвазија на некои популации кои дошле. Всушност, има неколку фази во развојот на населбата, а една од тие фази покажува дека по едно долго живеење на овој локалитет дошло до одредени судири по што самиот објект е затворен, а на негово место, поточно во југозападниот дел, се ископани вкупно седум јами, кои покажуваат дека се од подоцнежниот период на неолитот, вели археологот Зоран Рујак.

Според него, истражувањата ќе продолжат со геомагнетни истражувања на целото подрачје за да се добијат главните белези, односно отпечатоци на објектите и да се добијат многу битни податоци за неолитизацијата не само на оваа почва, туку и на целиот Балкан.

Директорот на НУ Завод и Музеј Струмица, Ацо Манински, смета дека овие истражувања успешно се реализираат заедно со останатите дваесетина проекти на оваа установа.

-Нашата институција и понатаму ќе ги поддржува истражувањата, а наредната година заедно со Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство планираме еден посериозен обем на работа на локалитетите во нашиот регион, кои се веќе почнати, но и да се префрлиме на регионот на Валандово, односно поголемо внимание сакаме да посветиме на локалитетот Марвинци, кој до пред неколку години беше сериозно истражуван. Сакаме да направиме посериозни истражувања и на тој локалитет, рече директорот Манински.

Истражувачкиот тим престојуваше во Орниче, каде подигнаа камп во непосредна близина на локалитет. И годинашната кампања е поддржана од Министерството за култура.


Администратор
20/10/2020 16:06