Министерката за одбрана Радмила Шекеринска и амбасадорката на Велика Британија Рејчел Галовеј денеска ќе учествуваат на панел-дискусија на која ќе биде промовиран вториот Национален акциски план за имплементација на Резолуцијата 1325 на Обединетите нации „Жени, мир и безбедност“.
Панел-дискусијата ќе се одржи во големиот хангар на Центарот за обука на пилоти во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец, со целосно почитување на протоколите за заштита од коронавирусот.
Акцискиот план е изготвен од Министерството за одбрана со експертска поддршка од Обединетото Кралство и десетина државни институции и невладини организации.
Како што соопшти Министерството за одбрана, на панел-дискусијата видеовклучување ќе имаат и Катерина Ставреска, координаторка на Работната група за имплементација на родовата перспектива во Министерството, Габријела Ѓорѓевиќ, цивилен претставник на Министерството во седиштето на НАТО, потполковник Ирена Блажевска, која е дел од меѓународниот штаб на Балканските медицински наменски сили, и потполковник Елизабета Наумовска, командант на Военомедицинскиот центар.