Неуставна и во пракса неприменлива е мерката полицијата да може по основа на сомнение да ти упадне дома за да провери колку лица се во моментот во просторијата, вели за Алфа адвокатот и правен познавач Јанаки Митровски.

-Меѓутоа, кај нас во Македонија се бива, но јас би сакал да запрашам на кој начин ќе утврдува основано сомнение, затоа што за да се утврди основано сомнение, мора да има минимум докази или индиции во таа насока. И како во еден затворен објект ќе може да има основани сомненија полицијата колку лица има на гости, односно дали се тие повеќе од предложената бројка од четворица. Освен што е неуставна или е можно неуставна и во пракса е неприменлив овој предлог и затоа мислам дека треба сериозно Владата да размисли, вели Митровски. Митровски е на ставот дека ваквата мерка може да има негативно влијание и враќање во едни стари, не баш најубави времиња.

-За жал живееме ние на Балкан и ваквата мерка доколку се предложи ќе го извади од луѓето она најниското, едно комунистичко минато, кое што сметам дека сме го надминале, тоа е кодошење на сопствените соседи, додава Митровски.