Претседателот на собранието на Република Македонија Талат Џафери упати честитка до граѓаните по повод државниот празник 11 Октомври.
-Почитувани граѓани на Република Македонија, дозволете ми да Ви го честитам државниот празник 11 Октомври – Денот на народното востание против фашизмот и борбата за слобода. Долг е патот кој човештвото го има изодено откако се избори со злите сили на фашизмот, политичка идеологија која има донесено само загуби и донесе до соочување со негативната страна на човекот. Историјата потврди дека доброто победува и дека мнозинството секогаш се стреми и е на страната на доброто, за да живее во слобода, да живее подобро и тој и сите околу него. Во борбата против злото, секој даде свој придонес во рамките на своите можности и со тоа сочува дел од своето достоинство, човештво и солидарност а над сѐ, обезбеди.парче мир за својата совест и душа, меѓутоа, и мир во светот, се наведува во честитката.
Таа борба за слобода, се додава, придонесе и во градењето на државноста.
-Денес, го празнуваме 11 Октомври за да им оддадеме почит на сите кои го положиле својот живот за да можеме да ги уживаме благодатите на животот во слободна, силна и демократска држава, со отворен и искрен пристап кон соседите, кон пријателските и партнерски земји и земја членка на НАТО. Лекциите од минатото треба да се научат и да се запомнат, за никогаш повеќе да не се повторат затоа што поделбите никому не носат ништо добро и во овој свет само сплотеноста носи кон прогрес.Драги граѓани, Ви посакувам да имате убав празничен ден! Честит 11 Октомври – Денот на народното востание!, стои во честитаката од претседателот на Собранието Талат Џафери.