Да се грижиме за себе и за нашите најблиски, да ја намалиме стигмата за менталните болести, да ги поддржиме да побараат помош сите кои чувствуваат интензивен стрес, долготрајна тага или други долготрајни реакции кои имаат негативно влијание врз нивното секојдневно функционирање, порача денеска семејниот и системски советник од Куманово, Сања Јовановска, по повод Светскиот ден на менталното здравје.

Таа препорачува сите кои чувствуваат тешкотии при вршењето на секојдневните обврски, при работа, социјален и семеен живот, да се посоветуваат со стручни лица: психолози, психотерапевти, психијатри и да го подобрат квалитетот на нивниот живот.

– Со таа цел од почетокот на пандемијата функционираат и бесплатни телефонски линии на од страна ЈЗУ Клиника за психијатрија Скопје, бесплатни линии беа отворени и од страна на психотерапевтски школи каде секој може анонимно да се посоветува со стручно лице, разговор.мк во летниот период стартуваше со онлајн платформа за психолошки советувања од страна на стручни лица – психолози/психотерапевти. Она што сакам да го истакнам е дека имаме ресурси, има голем број на стручни лица кои се достапни за помош и поддршка и затоа уште еднаш топло им препорачувам на сите кои се соочуваат со криза, да побараат стручна помош и поддршка со цел подобро ментално здравје и подобар живот, рече Јовановска.

Корона кризата, додава таа, предизвика промени во светот и кај нас, кои влијаат на населението и животот на секој поединец и секое семејство, почнувајќи од март со воведување рестриктивни мерки и карантин скоро во сите држави во светот, забраната за движење, социјална изолација па сè до денес кога се соочуваме со најава на нов бран на корона вирусот и нови рестриктивни мерки со скоро секојдневни промени во нашето функционирање.

– Сето ова кај населението предизвикува неизвесност за утре, за подалечната иднина, предизвикува страв и вознемиреност. Стравот е уште поинтензивен затоа што се соочуваме со реален ризик по живот, борејќи се со непознат непријател. Би сакала да напоменам дека интензивниот и секојдневен страв, предизвикува промени во функционирањето на поединецот и најразлични психосоматски тешкотии, вели Јовановска.

Секој човек има различен одговор на стравот, некој го игнорира, некој успева на различен начин конструктивно да го совлада, некој се препушта, при интензивните емоции не е во состојба да воспостави контрола над што директно предизвикува штета за менталното и физичкото здравје.

– Неисконтролираниот страв ни дава искривена перцепција за работите околу нас, погрешно разбирање на информациите кои што ги добиваме, реална закана станува далеку пострашна од она навистина што е. Интензивниот страв може да предизвика низа стресни реакции како што се: несоница, намалено чувство на сигурност, зголемена вознемиреност, анксиозност, панични напади, појаснува Јовановска.

Исто така, зголемената вознемиреност и интензивниот страв во овој период кај одредена група на луѓе може да предизвикува зголемена употреба на цигари, алкохол и други психотропни супстанци кои се штетни за севкупното психофизичко здравје на поединецот, но и за околината. Поради ова, од голема важност е во овој и период и периодот што следува да не се запостави грижата на менталното здравје на населението.


Администратор
10/10/2020 12:18