Амбасадорот на Република Словенија Милан Предан со сопругата Дарка Звонар Предан денеска беше во посета на НУ Национална галерија на Република Македонија. Предан ја одбра токму Националната галерија за посета на почетокот на неговиот мандат, како прва институција од областа на културата, конкретно од областа на музејската и галериската дејност.

Националната галерија, формирана во 1948, поседува исклучителна Колекција на најзначајни македонски автори чиј историски пресек може да следи низ Постојаната поставка на дела од XIV до XX век, што е причина истата да се вброи во водечките национални установи кои го чуваат и негуваат националното културно наследство на нашата земја. Воедно, оваа институција е пример и за презентација на рецентното творештво на автори од различна возраст кои ја креираат македонската ликовна сцена.

Националната галерија поседува и значаен број на дела на автори од поранешна Југословија, меѓу кои и дела на повеќе познати автори од Република Словенија, како што се сликарите Рихард Јокопич, Максим Седеј, Матеј Стернен, Матеј Јама, Лојзе Спацал, Јанез Берник, Франце Слана, Јанез Берник, скулпторите Лојзе Долинар, Вања Радуш, Борис Калин, Зденко Калин, Тоне Краљ, Франце Краљ, графичарите Божидар Јакац, Рико Дебењак, Максим Седеј, Јоже Циуха и други.

Во еден прекрасен амбиент на мала камерна изложба во објектот Чифте амам, изборот од словеначките автори го претстави директорката на галеријата, д-р Дита Старова Ќерими и воедно го презентираше каталогот на Југословенската збирка со наслов „Дела од словенечки, хрватски, српски, црногорски и босанско-херцеговски автори“, издаден по повод седумдесетгодишниот јубилеј.