Откако поранешниот министер за финансии Драган Тевдовски замина да работи во Вашингтон и откако неговите поранешни советници Бранимир Јовановиќ и Рилинд Кабаши објавија дека заминуваат на работа во Виена, економскиот експерт Зоран Јовановски преку фејсбук прашува дали на некому му е грижа што вакви стручни кадри заминуваат од Република Македонија.
- Се секира ли некој што државата за една недела изгуби тројца економски експерти? Во недела дена, тројца економски експерти од Македонија започнаа работен ангажман во странство.
Ги ставам на страна и ги занемарувам нивните политички определби и се задржувам на нивната теоретска економска изграденост. Драган Тевдовски, како професор по статистика, не како министер за финансии, Бранимир Јовановиќ како економски истражувач, не како советник на министерот за финансии и Рилинд Кабаши како економски истражувач, не како советник на министерот за финансии. Сите тројца со докторати и објавени економски истражувачки трудови во меѓународни академски списанија.
Јас не се согласувам со многу од нивните ставови за економските политики, ама тоа не значи дека земјава треба да ги изгуби како професори или економски истражувачи. Башка, покрај овие тројца има и многумина други што заминале и добиле професионално признание за својата стручност во странство, а нашата јавност не ги знае затоа што не биле во политика. Се секира ли некој за овие работи, прашуваЈовановски.