Периодов, театар Златен Елец беше актуелен со Не ми го чепкај пивото! – комедијата која настапи во рамките на Скопско лето, Бела ноќ Скопје и Интернационалниот театарски фестивал Отело во Гостивар, и многубројните изведби на Дневникот на лудиот по Гогољ. Во четврток на први октомври, ќе се случи премиерата на вториот дел од монодрамата, овојпат по текст на Лу Син и со наслов – ЧОВЕКОЈАДСТВО во режија на Ѓорѓи Ризески. Следните два дена ќе биде изведена истата претстава во Социјалниот центар Дуња Скопје за строго ограничен број на публика. Со изведбата во сабота на 3.10 независниот театар ќе заокружи 14 изведби на театарски претстави во време на корона. Сите претстави освен последната премиера се одржаа под отворено небо.

Аксентие Иванович, ликот на Гогољ во Дневникот на лудиот го преточивме во Дневникот на лудиот на кинескиот автор Лу Син, во еден нов и шизофрен стадиум. Покрај директното алудирање на човекојадството, станува збор за една метафора во едно општество дека Човек на човека му е волк и дека потребна ни е потреба од промена кон подобро.

Тоа е мотивот на претставата, прикажан преку лудиот Аксентие кој овојпат преку лош пример ја освестува публиката. Доволен е само еден чекор, еден праг, една препрека и сите ќе бидат задоволни – се вели во текстот.

Претставата е со вознемирувачка содржина поради самата приказна, а бројот на публиката е строго ограничен поради протоколите но и поради концептот на самата претстава.

Актерската игра ја води актерот и основач на независниот Театар Златен Елец – Бобан Алексоски, режијата е на Ѓорѓи Ризески, асистент на режија Тамара Стојаноска, статист е Александар Арсовски, музиката е на Алмир Бајрамоски, фотографијата е на Тамара Малкоска, а плакатот на Методија Јорданоски.

Театар Златен Елец на 12ти октомври со комедијата Не ми го чепкај пивото, исто во режија на Ѓорѓи Ризески ќе отвори театарски фестивал во Виница./

Моментално течат подготовките на следен проект кој е копродукција, исто така Надица и Бобан се во подготовки на претстави за деца.


Администратор
27/09/2020 22:27