Бесплатни онлајн работилници за сликање на порцелан ќе се реалзиираат во рамки на проектот од национален интерес во културата за 2020 година што ќе го реализираат уметницата Оливера Станковска од Крива Паланка во соработка со ЛУ Градски музеј од градот.

Проектот е поддржан од страна на Министерството за култура на РС Македонија, како проект од национален интерес во култура за 2020 година, во категоријата за визуелни уметности, архитектура и дизајн, автор и инструктор е Оливера Станковска, слободен уметник од Крива Паланка, а асистент на работилниците ќе биде Наталија Милковска, етнолог во Локална установа Градски музеј Крива Паланка.

-Во време на визуелни уметности и дизајн се повеќе се определуваме креативната уметност да претставува професија или хоби, изразувајќи ја преку различни форми и дела. Зголемената заинтересираност за креативната уметност, сликање на порцелан, допринесе за реализирање две работилници на кои заинтересираните учесници ќе имаат можност да се здобијат со одредени знаења за техниката цртање и сликање на порцелан и воедно практично да ја усовршат оваа техника. Работилниците нудат можност за лично реализирање во креативната уметност – цртање и сликање на порцелан и можност за ново размислување, самовработување т.е. отварање на сопствен бизнис – изработка на сувенири, рече Станковска.

Проектот ќе се одвива и реализира во неколку фази, во периодот на август и септември. Предвидено е бројот на учесници на креативната работилница „Традиција насликана на порцелан“ да биде 15, без разлика на полот и националната припадност.

-Учесниците ќе бидат поделени во 3 групи: пет лица на возраст од 18 до 30 години, петмина од 40 до 60 години, како и пет лица со попреченост, без ограничување на возраста. Сите заинтересирани кандидати можат да се пријават на следната е-маил адреса: ostankovska@yahoo.com или на мојот профил на Фејсбук. По извршената селекција, сите кандидати ќе бидат благовремено контактирани и известени за имињата на учесниците во работилницата, како и за термините во кои ќе бидат реализирани двете работилници, додаде Станковска.

Работилниците ќе се резлиизраат во септември, првата ќе опфати теоретски дел, запознавање со техниката цртање и сликање на порцелан и ќе се одржи онлајн, со поставување видео споделено од каналатот Јутјуб во групата: https://www.facebook.com/groups/anikostyle/. Сите учесници ќе имаат можност да пристапат до видеото, да споделуваат мислења, да поставуваат прашања и да добиваат одговори на прашањата.

Учесниците на работилниците ќе добијат пишан материјал од првата работилница, во ПДФ форма, додека втората работилница ќе се одржи во просториите на ЛУ Градски музеј Крива Паланка.

Практичниот дел од работилниците ќе биде усовршување на техниката цртање и сликање на порцелан, а при реализирање на оваа работилница ќе бидат запазени сите мерки за безбедност и заштита од Ковид-19. По реализирање на двете работилници, креативните изработки – сувенирите ќе бидат изложени и доставени во сопственост на сувернирницата при ЛУ Градски музеј Крива Паланка.


Администратор
12/08/2020 11:25